Очекувањата за цените на компаниите благо се зголемиле во септември, за прв пат по нешто повеќе од една година, изјавија економските експерти од минхенскиот институт Ifo.
Ценовниот индекс на Ifo пораснал во септември за 1,1 поен во однос на август, на 15,8 поени. Поточно, силно скокнал во угостителството, за дури 49 поени. Вредноста на индексот ја изразува разликата помеѓу компаниите кои планираат да ги зголемат цените и оние кои планираат да ги намалат.
Поскапување најавуваат и повеќето производители на автомобили, според зголемувањето на вредноста на индексот за 13,3 поени.
Во градежниот сектор, пак, преовладуваат компаниите кои планираат да ги намалат цените, според негативната вредност на индексот, а нивниот број благо се зголемил во септември, поради слабата побарувачка, објаснува истражувачот за економски прогнози на Ifo, Тимо Волмершаузер.
„Веројатно ќе биде потребно извесно време Европската централна банка да го достигне целното ниво на инфлација од два отсто“, заклучува експертот на германскиот институт.