Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија од 2006 година редовно ја спроведува анкетата со која се оценува Северна Македонија како дестинација за инвестирање. На овој начин ги осознаваме актуелностите кои се однесуваат на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Германија, како и очекувањата на компаниите во однос на понатамошниот развој. Резултатите од овогодишната анкета се значаен показател на состојбите и очекувањата на компаниите во Северна Македонија.
Оваа година анкетата се спроведе во периодот од 1 март до 14 април. Резултатите не беа премногу изненадувачки, македонското стопанство е загрижено поради последиците кои ги предизвика пандемијата. Членовите на Македонско-Германското стопанско здружение посочија на проблеми кои се однесуваат на владеењето на правото, како и на политички проблеми.
Актуелната деловна состојба во сопствените компании, испитаниците ја оценуваат со полоша оценка во споредба со изминатите години: Само 8% од испитаниците ја сметаат сопствената деловна состојба како добра (2019: 29%), а 53% од испитаниците како задоволителна (2019: 61%).
Очекувањата кои ги имаат стопанствениците во однос на извозот се исто така полоши во споредба со 2019 година. Само 34% од нив претпоставуваат дека извозот на нивните добра и услуги ќе се развие подобро во споредба со претходните години (2019: 51%). 40% од испитаниците не очекуваат никакви промени во однос на извозот оваа година, додека 26% од нив претпоставуваат дека ќе имаат намалување на извозот на нивните производи и услуги.
Како Директор на Делегацијата на германското стопанство, во соработка со германската амбасада во Скопје ќе продолжиме да водиме дијалог со македонската Влада за подобрување на овие рамковни услови во земјата. Скоро 70% од инвеститорите кои веќе инвестирале, повторно би го сториле истото во Северна Македонија. Ова е солидна основа од која може понатаму да се развиваат Германско-Македонските стопански односи. Целосните резултати од анкетата за деловната клима во Северна Македонија можете да ги најдете овде.
На почетокот на оваа недела заедно со нашите партнери МАСИТ и Комитетот на источна Европа го организиравме првиот виртуелен бизнис форум на тема „Германско-македонско ИТ-Б2Б партнерство“. Сигурен сум дека ова е вистинскиот начин да се создадат можности за соработка помеѓу германските и македонските ИТ-компании, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.