Германски ученици во рамки на студија на Писа го постигнале својот најлош резултат досега по клучни предмети како природните науки и мајчиниот јазик, а експертите за ваквата состојба како причини ги наведуваат последиците од пандемијата, недостигот од наставници и голем број имигранти.
-Без разлика дали се работи за математика или способност за читање, тоа се најлошите резултати досега забележани за германските ученици во студијата на Писа, објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Кога станува збор за математиката, германските ученици постигнале 475 поени, значително пониски од 500-те забележани на последното испитување, чии резултати беа објавени во 2019 година.
Кога станува збор за читање германски јазик, забележан е и пад од 498 на 480 поени.
Резултатите од студијата во Пиза (Programme for International Student Assessment – Програма за меѓународно оценување на учениците), најголемата меѓународна студија од ваков вид, претходно ја шокираа германската јавност затоа што покажуваат значително пониски резултати на германските средношколци во споредба, на пример, со нивните врсници од Скандинавија.
Како главни причини за падот во нивото на знаење, особено во сегментот на читање и разбирање мајчин јазик, за Германија се наведуваат голем број деца имигранти кои не зборуваат германски.
Во најновото истражување дури 39 отсто од испитаните деца биле од странско потекло, додека во последното истражување уделот бил 25 отсто.
Експертите бараат повеќе инвестиции во раното вклучување на децата мигранти во образовните процеси како што се задолжителните градинки. мс/фото: МИА архива .