Глобалната економија би можела да загуби околу 50 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) помеѓу 2070 и 2090 година поради катастрофални шокови од климатските промени, објавија денеска експертите за управување со ризик од Институтот и факултетот за актуари (IFoA).

Тие истакнуваат дека тоа ќе се случи доколку политичките лидери не преземат итна акција во врска со декарбонизацијата и обновувањето на природата, објави Гардијан, пренесува Политика.рс. Ваквото остро предупредување во голема мера ја зголемува проценката на ризикот за глобалната економска ситуација од влијанијата на климатските промени, како што се пожари, поплави, суши, зголемени температури во природата.

Експертите од IFoA, во соработка со научниците од Универзитетот во Ексетер, кои користат математика и статистика за да го анализираат финансискиот ризик за бизнисите и владите, повикаа на забрзана акција за борба против климатската криза.

Нивниот извештај беше објавен откако податоците од Службата за климатски промени на ЕУ- Коперник покажаа дека климатските нарушувања ги туркаа годишните глобални температури над глобално договорената цел од 1,5 Целзиусови за прв пат во 2024 година, што доведе до екстремни временски услови.

Актуарите главно се ангажирани во проценката на ризикот од активностите на нивните клиенти, често во име на осигурителните компании, користејќи релевантни податоци од различни области за да изградат модели на веројатност за различни сценарија и соодветно да советуваат, пренесува Танјуг.