Доколку локалната власт, централната власт и граѓаните на Охрид, ги сметаа предупредувањата на УНЕСКО за шеги или фарса, постои еден критериум кој никој, никогаш и никаде не успеал да го изигра. Тоа е стариот, добар и уште од Адам Смит – дефиниран концепт на ПАЗАРОТ.

Значи, локалната власт може да си продолжи со својата летаргија, централната власт може да продолжи со својата безидејност, УНЕСКО може да се „дере на глуви“, локалните граѓани можат колку сакаат дивјачки да градат и узурпираат во градот, но ПАЗАРОТ е тој кој е врховен оценител на нашата работа и ултимативен критериум за тоа колку е добар Охрид.

Епа, моментално работите во туризмот во најголемиот туристички центар во нашата земја се следните:

  1. Во врвот на сезоната, приватното сместување е исполнето на половина или помалку од капацитетите.
  2. Хотелите, каде што доаѓаат странците организирано и најважно, субвенционирано, се исполнети, но тоа за локалната економија не придонесува нешто многу бидејќи all inclusive пакетите чинат во Холандија на пример 17 ЕУР, од кои клиентот плаќа 8 ЕУР а ние му субвенционираме 9 ЕУР. Најчесто овие туристи се во поодмината возраст, имаат оброци во хотелот, безмалку не трошат ништо во градот.
  3. Градот наликува на едно огромно градилиште, чудовиште, кое е закрчено од сообраќај. Градот Охрид, едноставно нема капацитет ниту патна инфраструктура да функционира со толку возила. Се гради на сите страни и од градежните активности делува конфузно, гнасно и оддава шмек на албанкото крајбрежје во периодот 2000-2010 за време на стихијната изградба на албанската ривиера.
  4. Естетиката е целосно изгубена. Нема архитектонска постојаност, нема придржување кон старата охридска архитектура или ако баш морам да речам : Секој си го донел своето село со себе, а тоа е особено очигледно во архитектурата. Старата охридска чаршија веќе наликува на пренатрупан кварт од Карачи, рекламни паноа во сите бои, излози во сите бои, лесковачки роштиљ чади на сите страни, тезги на сите страни, разни продажни глупости на сите страни, во центарот на чаршијата со новата џамија – дивоградба , но и со околните во близина – пет пати на ден мислите дека сте во Кабул или Истанбул, а тоа особено ги вознемирува туристите од Западот, кои делуваат доста збунети. Па тука има и шарен микс од змии, магариња и ликови од Волт Дизни за сликање, па еден куп спонзорирани чадори во кафулињата и чаршијата кој даваат еден изглед кој најдобро можам да го дефинирам како „cheapass “.
  5. Хигиената е на некое скромно ниво. ЈП Охридски комуналец дава се од себе во рамки на своите ресурси, но едноставно тоа не е доволно. И во тој дел градот има потфрлено за жал, но тука има поголем проблем од структурата и културното ниво на туристите кои доаѓаат, што најверојатно и тие ги носат своите навики во Охрид, па тешко дека некое ЈП за јавна хигиена од регионот би се справило со такви навики и однесувања.
  6. Рестораните, пицериите и продавниците на мало истотака како и сместувачките капацитети, се жалат на особено нискиот промет и продажба за овој период од сезоната. Со кого да разговарате е истата приказна. А и старите добри репери за прометите низ градовите – таксистите – ќе Ви потврдат дека станува збор за една од најслабите сезони до сега.
  7. Културниот живот – најтешка тема за опсервација. Освен една светла точка : Охридско Лето – како манифестација и културен двигател на градот и земјава воопшто, останатата понуда е само надополнение на лесковачкиот роштиљ низ чаршијата. Истите па истите турбо фолк шундераи секоја година на исто место и во исто време. Ден два пред Илинден – одиме турбо момчиња. Истите Жељки, Лукаси и останати ѕверки му го враќаат паланечкиот дух на градот, кој по некоја чудна случајност благодарение на славното минато и историја, “ничим изазван“ станал дел од УНЕСКО. Рака на срце , постојат некои фолклорни фестивали и помали манифестации но целокупната таа „донамба“ делува стихијно, дезорганизирано и доброволно. Во делот на турбо фолкот, ме потсети и насмеа настапот на Цеца во Прилеп на овогодинешниот Пивофест, кога ми дојде мислата дека останал Прилеп во времето, и секоја година само нови репризи на Цеци и слични естрадни уметници се канат. И Охрид, за жал, не е многу подалеку од тоа, во овој шунд поглед.
  8. Како наголеми виновници за овој хаос, сепак, јас мислам дека сме НИЕ… локалните жители на градот, кои во трката за пари или брз профит, непоправливо го видоизменуваме и уништуваме градот. Секое слободно ќоше се гледа да се изгради, а паркизи нема за лек. Градот полека станува тешко место за живеење за време на сезоната. Локалното население, со децении дава локална власт која воопшто не е спремна да се справи со проблеми кои би требало да ги нема во град на УНЕСКО… едноставно толку ни е капацитетот, а за жал тој е во државниот просек.

Имајќи ги во предвид сите овие точки, како и мал милион други, станува јасно зошто Охрид ја доживува една од најслабите туристички сезони. Затоа што никој не успеал да го измами пазарот. Луѓето однадвор, туристите, ја гледаат оваа жална слика и не се враќаат повеќе. Ги гледаат цените и услугите кои ги добиваат за возврат, и одлучуваат да не доаѓаат. Ги гледаат цените и квалитетот и квантитетот на храната која ја добиваат – и одлучуваат да не се враќаат. Ги гледаат жалните плажи целокупниот пакет кој го добиваат таму – и одлучуваат да не се враќаат. Тоа за жал е суровата вистина. Јас како охриѓанец воопшто не би сакал ова да го пишувам, ама „Мил ми е Платон, но помила ми е вистината“.

 

Наум Димитровски