Во првите десет месеци од годинава од земјава се извезени стоки во вкупна вредност од 329,42 милијарди денари или 5,356 милијарди евра што е за 10,8 отсто повеќе во однос на истиот период од минатата година. Вредноста, пак, на увезената стока изнесува 425,55 милијарди денари, односно 6,919 милијарди евра или за 9,8 % повеќе во споредба со истиот период лани.
Според податоците на Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит, во периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 96,13 милијарди денари или 1,563 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 77,4 отсто.
Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава во периодот јануари – октомври 2019 година најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.