Според Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на ЕУ, ЕТИАС системот, преку кој ќе се добива дозволата за влез во ЕУ со плаќање седум евра, се очекува да биде готов дури во последниот квартал на 2026 година, а нема да стане задолжителен до крајот на 2027 година, пренесува „Шенген њуз“.
Годинава на одмор во Грција и во другите земји на Европската Унија ќе патуваме без пречки. Така би требало да биде и наредната, зашто според најновите информации од веб-страницата „Шенген њуз“, новите системи за проверка на патниците кои не се од земјите на Унијата – ЕЕС и ЕТИАС би се вовеле дури наредната и би станале задолжителни дури во 2027 година.
Според Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на ЕУ, ЕТИАС системот преку кој ќе се добива дозволата за влез во ЕУ со плаќање седум евра се очекува да биде готов дури во последниот квартал на 2026 година, а нема да стане задолжителен до крајот на 2027 година, пренесува „Шенген њуз“. Имплементацијата на системот ЕТИАС, како што пренесува специјализираниот портал „92 Путовања“ е поврзана со имплементацијата на системот за влез/излез, (ЕЕС), па тој ќе треба да се воведе порано. По повеќекратните одложувања, ЕУ се согласи постепено да го воведува ЕЕС од октомври оваа година. Но, постепеното спроведување значи дека земјите членки добиваат рок од шест месеци да го воведат откако ЕУ ќе донесе одлука да го воведе. Ако ЕУ таа одлука ја донесе во октомври 2025 година, земјите членки по првиот месец ќе мора да регистрираат десет проценти од патниците кои ја преминуваат границата, а во текот на првите 60 дена, системот ќе може да работи без да се оставаат биометриски податоци. Во јануари 2026 година, сите земји членки ќе треба да го користат ЕЕС со биометриски функционалности, а во април 2026 година треба да заврши неговото воведување.
Дури откако ЕЕС ќе биде целосно имплементиран, во сила ќе може да стапи ЕТИАС, а како што објаснија властите на ЕУ, неговото воведување е планирано шест месеци по ЕЕС, што значи околу октомври 2026 година. Но, ЕТИАС ќе биде само можност во првите шест месеци, што е преоден период и за патниците и за граничните служби. Во тој преоден период што би траел до април 2027 година, патниците би требало да се пријавуваат во ЕТИАС, но во Шенген-зоната ќе влегуваат без дозволата за патување, под услов да ги исполнуваат другите критериуми за преминување на границата. Дури во април 2027 година, ЕТИАС ќе стане задолжителен, освен за оние кои првпат влегуваат во ЕУ по завршувањето на транзицискиот период. За оваа група патници ќе има грејс-период од шест месеци, до октомври 2027 година. Земајќи ги предвид овие пресметки, според „92 Путовања“, ЕТИАС ќе стане задолжителен за повеќето во април 2027 година и за сите патници без визи во октомври 2027 година.