Оваа година има рекорден број апликации од компании за државна поддршка за инвестиции, соопшти Владата. Тоa значи, како што наведува, дека расне довербата на бизнисот во институциите.
Според Владата, годинава има рекордни 432 апликации за нови инвестициски проекти на исто толку компании. На денешната владина седница беше одобрена првата група од 82 договора, а останатите се во процес на евалуација и наредните недели ќе бидат завршени.
-Напорите на оваа Влада за креирање партнерски однос и предвидлива економија вродува со плод. Овие 82 компании, чии договори за поддршка на инвестиции беа денеска одобрени од Владата, креираат нови и добро платени работни места. Само во првата инвестициска 2022 година тие имаат отворено 233 нови работни места, а до крајот на инвестициските циклуси, само овие 82 компании ќе отворат 818 нови работни места. Инвестициите кои овие компании ги прават се исклучително важни во овој период на закрепнување од кризата. Нивните инвестиции укажуваат на агилноста и отпорноста на компаниите, како и можностите во нашата домашна економија. Овие 82 компании во првата инвестициска 2022 година инвестирале 30.8 милиони евра а до крајот на инвестициските циклуси ќе инвестираат 67.5 милиони евра, нагласува владината прес-служба.
Според Владата, измените во Законот за финансиска поддршка на инвестиции кои беа направени во 2019 година се грижат за рамномерниот регионален развој и осигуруваат поголема поддршка за компаниите во помалку развиените региони.
-Овие 82 компании се распределени во сите плански региони: Вардарски регион – 5 компании, Источен регион – 10 компании, Југоисточен регион – 16 компании, Југозападен регион – 6 компании, Пелагониски регион – 16 компании, Полошки регион – 9 компании, Североисточен регион – 5 компании и Скопски регион – 15 компании. Рамномерната регионална распределба на компаниите и структурата по големина покажуваат и докажуваат дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите дава подеднаква можност за сите компании во земјата, независно од нивната големина или местоположба. Единствено важно е компаниите да прават инвестиции во нивниот развој и конкурентска предност, да покажуваат успех во нивното работење, дополнува Владата.
Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во изминатите шест години, од неговото воведување во 2017 година, склучени се договори за поддршка со 630 компании, кои се опслужуваат од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како one – stop shop.
-Економскиот развој, унапредување на конкурентноста на компаниите на домашниот и меѓународните пазари и подигнување на животниот стандард на вработените, останува врвен приоритет, се наведува во соопштението.