Во земјава годинава е забележан раст на бројот на увезени и продадени нови и половни возила. Според податоците на Царинска управа, до декември годинава се увезени 49 462 патнички возила, од кои 12 170 нови и 37 293 половни.
Има значително зголемување во однос на 2023 година, кога биле увезени вкупно 43 212 автомобили, од нив 9999 нови и 33 213 половни.
Во отсуство на службени податоци колку од увезените возила се продадени, и кои брендови биле најбарани, специјализраниот автомобилски сајт Бестселигнкарс, повикувајќи се на нивни локални партнери, објави дека пазарот на нови автомобили во земјава годинава бележи раст од 41,3% со околу 6 100 продадени нови автомобили до октомври годинава.
Кои се најпродавани автомобили во Европа во 2024 година?
Во Европа во 2024 година се продадени близу 13 милиони нови автомобили, што е зголемување во однос на лани, а неприкосновен лидер на пазарот, пред „VW Golf“ и „Renault Clio“, е „Dacia Sandero“.
Во последните три години, повеќедеценискиот европски лидер, „Golf“, ја нема силата што ја имаше некогаш за да ја задржи својата водечка позиција на европскиот пазар. „Golf“ е сè уште блиску до врвот, но, според аналитичарите на авто-европскиот авто-пазар, клиентите ги промениле своите навики.
Така, во 2022 година, Европејците најмногу му веруваа на моделот „Peugeot 208“, минатата година прв пат на еден електричен автомобил „Tesla Model Y“, додека годинава првото место ќе го заземе „Dacia Sandero“.
Во периодот јануари-ноември 2024 година во Европа се регистрирани 245.686 возила Dacia Sandero, втор е Volkswagen Golf – 198.886, а трет Renault Clio со 195.930 регистрации. Следуваат Volkswagen T-Roc – 187.339 регистрации, Peugeot 208 – 183.740, Tesla Model Y – 180.682, Toyota Yaris Cross – 178.922, Škoda Octavia – 167.175, Toyota Yaris – 164.496, а топ 10 листата ја заокружува уште еден модел на Dacia, Duster со 157.287 регистрации.
Романскиот производител во текот на 11 месеци продал повеќе од 245.000 примероци „Sandero“ на европскиот континент, што е за 14 отсто повеќе од лани во истиот период. „Golf“ иако бележи раст од 20 отсто, годинава е на второто место со близу 199.000 продадени возила, додека „Clio“ е трет со само 3.000 регистрации помалку од германскиот адут, со раст од 9 проценти во 11-те месеци од 2024 во споредба со истиот период лани.
Иако оваа година бележи 20 отсто помала продажба во Европа, „Tesla Model Y“ со повеќе од 180.000 новорегистрирани автомобили и натаму зазема многу високо место во генералниот пласман. Во исто време, тој е убедливо најпродаваниот електричен автомобил во Европа.
„Toyota Corolla“ и „Tesla Model Y“ во трка за глобален „бестселер“
„Tesla Model Y“, иако глобално бележи пад од 6,5%, со продадени 865.868 возила до октомври, останува во трка со „Toyota Corolla“ за шампион по продажба во светот во 2024 година. Јапонскиот производител има продадено 901.991 возила Corolla, иако и тука има намалување од 1.9%.
На третото место по продажба во светот е рангирана „Toyota RAV4“ со 836.258 возила (+13,7%), а потоа следи „Ford F-Series“ со 733.754 (-1,3%).
На петото место е „Honda CR-V“ со 601.374 продажби (+5,9%), шести е „Chevrolet Silverado“ има 525.193 (-0,5%), а седми „Hyundai Tucson“ со 497.606 продадени возила (-2,4%).
На осмото место е „Toyota Camry“ сп 474.973 нови регистрации (-8,9%), пред „Kia Sportage“ со 448.693 (+4,9%) и „BYD SONG“ со 442.275 продажби ( +42,2%).
Иако замената на традиционалните модели со дизел и бензински мотори оди побавно од очекувањата, ранг-листата на Топ 100 најбарани модели во светот покажува дека новите електрични возила го заземаат глобалниот авто пазар, а автомобилската индустрија се повеќе и повеќе се движи кон електрификација.