Американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ соопшти дека ја продала својата нова недовршена европска централа во Лондон на Националната пензиска служба на Јужна Кореја за 1,17 милијарди фунти (1,49 милијарди долари), пред следната година да ги пресели вработените во зградата, пренесува „Ројтерс“.
Во рамките на договорот инвестициската банка од „Wall Street“ ќе ја доврши зградата, која се уште е во фаза изградба и се очекува да биде користена од вработените на банката дури во 2019-та година. Првичниот период на киријата ќе биде 25 години.
„Goldman Sachs“ соопшти дека ќе изгради деловна зграда со површина од 102.000 м2 наречена „Plumtree Court“, во февруари 2017-та година, иако слично на другите банки е загрижена од ризиците поврзани со „Brexit“.
„Изградбата на „Plumtree Court“ и потпишувањето на долгорочен договор за наем ја покажува нашата континуирана посветеност кон Лондон и кон европските операции како целина“, вели во коминике Ричард Гнод, заменик-претседател на „Goldman Sachs“ и извршен директор на „Goldman Sachs International“.
Банката соопшти дека продажбата и обратниот наем на „Plumtree Court“ е дел од нејзината глобална стратегија со недвижности кои на неа и овозможува да извлече профит од создадената вредност преку изградбата на зградата, а во исто време го гарантира долгорочниот нејзин наем.
Таа ја продаде и ангажираше повторно актуелна централа исто во Лондон во 2005-та година. Британската банка „Lloyds Banking Group“ го стори истото неодамна со лондонската централа, така што ја продаде на кинески инвеститор.
Остриот пад на фунтата по гласањето за „Brexit“ привлече странски инвеститори на британскиот пазар за недвижнини.
Договорот за наем на „Goldman Sachs“ вклучува можност за раскинување по 20 години и за продолжување по првичниот рок.
Скот Ким, директор на одделот „Глобални имоти“ во Националната пензиска служба на Јужна Кореја, вели дека „Plumtree Court“ е една од „најубавите згради во Лондон“.
„Среќни сме да влеземе на пазарот во Лондон со ова високо квалитетно средство“, додаде тој.