До 2075 година Индија ќе биде втора по големина економија во светот, надминувајќи ги Германија, Јапонија и Америка, објави банката Голдман Сакс во својата најнова прогноза.
Главните аргументи за овој рејтинг се растот на населението во Индија, напредокот на земјата на полето на иновациите и технологијата, повисоките капитални инвестиции и зголемената продуктивност на работниците, се наведува во извештајот, пренесува „Си-Ен-Ен“ (CNN).
Индија, исто така, има голем процент на економски активно население кое може да ги поддржи помладите и постарите граѓани, според аналитичарот на Голдман Сакс, Сантана Сенгупта. Тој посочи дека Индија мора да го зголеми учеството на работната сила и на тој начин да ги искористи соодветните предности од растот на населението.
„Тоа е навистина можност за Индија да воспостави производствен капацитет и да продолжи да расте во секторот услуги и инфраструктура“, додаде Сенгупта. Приходите на индиската технолошка индустрија се очекува да пораснат за 223,7 милијарди евра до крајот на 2023 година, предвидува индиската невладина трговска асоцијација Наском.
Според извештајот на Голдман Сакс, индиската економија е водена од домашната побарувачка, за разлика од многу економии во регионот кои се зависни од извозот, со до 60 отсто од растот што во голема мера се припишува на домашната потрошувачка и инвестиции. Во првиот квартал БДП на Индија порасна за 6,1 отсто на годишна основа, а се проценува дека индискиот економски раст на крајот на тековната година ќе изнесува 7,2 отсто, пренесува Танјуг.