За време на енергетскиот форум во Москва, лидерите на големите енергетски компании го дефинираа рускиот гас како витален за глобалниот енергетски микс
За време на енергетскиот форум во Москва големите енергетски лидери се обратија кон американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека светот има потреба од рускиот гас, пренесува Euractiv.
Ваква изјава следуваше по предупредувањата на администрацијата на американскиот претседател, која најави дека може да преземе чекори за блокирање на новиот гасовод “Северен поток-2”, кој би го зголемил енергетското влијание на Русија во рамките на Европа.
Позицијата на САД предизвика остра реакција од Кремљ и од голем број на бизнис групи во Германија, а во средата водечките лидери во енергетската индустрија исто така ја одбранија позицијата на Москва.
Според енергетските лидери рускиот гас претставува витален дел од енергетскиот микс и дека ЛНГ кој Вашингтон го нуди како алтернатива, е прескап.
Главниот извршен директор на Royal Dutch Shell Бен ван Борден изјави дека ако САД наметнат санкции врз извозните проекти, неговата компанија нема да има друг избор освен да се придржува кон овие ограничувања, додавајќи:
“Јасно е дека на Европа ќе и треба повеќе од увоз, бидејќи домашното производство на гас е во опаѓање и ќе треба да го увезуваме овој ресурс од бројни извори на снабдување”.
“Русија отсекогаш била сигурен снабдувач во последниве децении. Цената на рускиот гас е една од најконкурентните на пазарот “, додаде тој на состанокот во Москва.
Главниот извршен директор на француската компанија Total Патрик Пујане смета дека производителот на течен природен гас во Русија Yamal е високо конкурентен со многу конкурентни проекти кои допрва треба да се реализираат.
Претставникот на Саудиска Арабија, која е конкурент на Русија на глобалниот пазар за фосилни течни горива, министерот за енергија Калид ал-Фалих, изјави дека светот има потреба од рускиот гас.
За заканата од американските санкции, рускиот претседател Владимир Путин рече:
“Јас го разбирам Доналд. Тој се бори за интересите на својата земја, за нејзината индустрија, и е апсолутно во право да постапува така “, изјави Путин, додавајќи:” Но, во овој случај американскиот течен гас на европскиот пазар е поскап “.
За време на заедничката прес-конференција во Москва со австрискиот канцелар Себастијан Курц, Путин ја предупреди Европа да не пројавува слабост при одлуката на гасните прашања.
“Не би сакал Европа да покаже слабост и да не може да го заштити своето учество во проектот” Северен поток “2, како и во” Јужен поток “.