Претставници на земјите од Европската унија и Европскиот парламент соопштија дека постигнале договор да се прекине практиката во која големите трговски ланци ја уништуваат облеката што не можеле да ја продадат, јави ДПА, цитирана од БТА.
Исклучок е предвиден за малите компании, како и транзитен период за спроведување на забраната, која се однесува на средните компании. Големите синџири мора да почнат да го применуваат ограничувањето за уништување облека во рок од две години од неговото стапување во сила. За да се случи тоа, новата регулатива треба официјално да биде одобрена од земјите на ЕУ и Европскиот парламент, но се верува дека оваа одлука секако ќе биде усвоена, посочуваат од ДПА. Во мај 2022 година, Европската комисија предложи измени кои предвидуваат подолготрајна употреба на голем број производи, како и воведување полесни правила за нивно рециклирање.
Целта на овој предлог е да се ограничи потрошувачката на ресурси, меѓу кои се енергетските производи и водата. Договорот постигнат рано денеска предвидува дека ЕК ќе има право во иднина да воведе забрани за уништување на други производи. ЕК ќе може да донесува одлуки кои се обврзувачки за земјите од ЕУ. Со нив ќе може да се воведат барања за поеколошки начини на производство, употреба и уништување на голем број производи. Меѓу нив има мебел, автомобилски гуми, детергенти, бои и други хемиски производи.