Споредено со јуни минатата година, за струја сега граѓаните издвојуваат за 9,4 отсто повеќе пари, течните горива и гасот се поскапи за 64 отсто, цената на цврстите горива се зголемила за речиси 14 отсто, а сметките за парно греење за плус 9,4 отсто.

Инфлација во јуни изнесувала 14,5 проценти на годишно ниво, а трошоците за живот се зголемиле за 2,8 отсто за само еден месец, објави Државниот завод за статистика.
Најмногу скокнале цените на транспортот – за 31,4 проценти, храната поскапела за 21 отсто, сметките за комуналии и трошоците за горива биле повисоки за 9,4 отсто, додека рестораните и хотелите ги зголемиле цените за 12,3 отсто.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Кај храната, најголем пораст на цената е забележан кај маслото за јадење – дури 51 отсто, лебот поскапел за речиси 31 отсто, за месо треба да се издвојат за 18,4 отсто повеќе пари, а околу 20 отсто млекото, сирењето, јајцата, зеленчукот, шеќерот…

И кај трошоците за домување и за горива се „неспоредливо“ повисоки од ланскиот јуни досега. Сега граѓаните за струја треба да одвојат за 9,4 отсто повеќе пари, течните горива и гасот се поскапи за дури 64 отсто, цврстите горива за речиси 14 отсто, а сметките за парно греење за плус 9,4 отсто.

Поради енормниот раст на цените на горивата, повисоки се трошоците за транспорт – 18,6 отсто, моторните возила за 10 отсто, граѓаните сега треба да плаќаат за една петтина повеќе за превоз со автобус, додека патувањето со авион е поскапо за 14 отсто. Единствен превоз кај кој воопшто нема никаква промена во цените е железничкиот.

– Јунските движења кај цените се сосема очекувани и можеа да се предвидат, од две главни причини. Првата е развојот на глобалните случувања, опстојувањето на конфликтот во Украина, понатамошните санкции кон Русија, но и одговорот на Русија првенствено во однос на снабдувањето на европскиот континент со гас. Втората причина е што во домашната економија нагло престанаа да важат сите даночни и други мерки, чија цел беше да го олеснат ценовниот притисок за граѓаните. Позитивно е што Владата го прифати повикот на домашната експертска заедница за свртување кон таргетирани наместо кон линеарни мерки за ублажување на ефектите од ценовните движења, но линеарните мерки престанаа одеднаш и без можност да се процени и продискутира дали можеби т.н. пристап „фејс-аут“ ќе беше подобар. Од друга страна, таргетираните мерки сè уште не сме ги виделе ниту на хартија, да не зборувам за нивната имплементација, која еве денес сè уште ја нема – коментира за „Фактор“ универзитетскиот професор Марјан Петрески.

И странските експерти очекуваат продлабочување на инфлацијата во текот на летото. Меѓународниот монетарен фонд, на пример, тврди дека е зголемен ризикот од глобална рецесија. ММФ во текот на месецов повторно ќе ја ревидира проекцијата за економски раст надолу. Фондот тврди дека економиите ќе претрпат дополнителен силен удар, стагнација или пад како резултат на напорите на владите и централните банки да ја зауздаат инфлацијата.

Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јуни изнесуваат 39.710 денари и во однос на јануари се зголемени за 3.399 денари или за 9,49 проценти.

Од Сојузот на синдикати на Македонија информираа дека за една година синдикалната кошничка е поскапена за 5.498 денари или за 16 проценти. Порастот на цените и растот на инфлацијата што од месец во месец е сè поголема влијае врз намалувањето на куповната моќ на работниците и доведува до осиромашување на целото население. Синдикатите бараа оваа пресметка на минималната кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот да бидат причина веднаш да се пристапи кон склучување на Општиот колективен договор за јавен сектор со зголемување на платите на работниците во согласност со порастот на минималната плата и платите да се зголемат за најмалку 2.806 денари за секој работник во јавниот сектор.