Горниот дом на германскиот парламент, Бундесрат, денеска со двотретинско мнозинство ги одобри неопходните измени на Основниот закон, со што ќе се овозможи планирано задолжување за одбраната и инфраструктурата.
Ова беше последната парламентарна пречка за проектот, кој предвидува олабавување на „должничката кочница“, повеќе трошоци за одбраната и посебен фонд од 500 милијарди евра за инфраструктура и заштита на климата, пишува „Билд“.
Двотретинското мнозинство во Бундесратот долго време се сметаше за неизвесно бидејќи не беше јасно како ќе гласаат владите на германските сојузни покраини, во кои членуваат претставници на Левица, ФДП, Слободните гласачи и Алијансата на Сара Вагенкнехт.
Конзервативните демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите (СПД) претходно со двотретинско мнозинство ја одобрија реформата во Долниот дом на германскиот парламент, Бундестагот, со помош на Зелените.
Фаворитот за функцијата германски канцелар Фридрих Мерц во таа прилика изјави дека планираното зголемување на германските трошоци за одбрана и економски раст претставуваат пресвртница за европската безбедност.
„Со години живееме во лажно чувство на сигурност“, рече Мерц во обраќањето пред Бундестагот, додавајќи дека „повоената мировна дивиденда одамна е исцрпена“ и дека на Германија и е потребна целосна ревизија на нејзините одбранбени способности.
Тој нагласи дека одлуката за зајакнување на одбранбената готовност претставува „првиот голем чекор кон нова европска одбранбена заедница“ која би можела да вклучи и земји надвор од Европската унија.