Регулаторна комисија за енергетика им препорачува на компаниите што се вршители на енергетски дејности, како и на јавните претпријатија што се даватели на водни услуги кон граѓаните, поради неплатени сметки, во следните две недели да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична и топлинска енергија и со вода.
– Имајќи ја предвид одлуката на Владата за превенција од ширење на коронавирусот и пандемијата што е прогласена од Светската здравствена организација, Регулаторната комисија има цел да им укаже на компаниите и на јавните претпријатија да покажат хуманост и да се воздржат од активности што би влијаеле врз здравјето на човекот. Во оваа вонредна состојба со ковид-19, чувствуваме пред сѐ одговорност, но и обврска за заштита на потрошувачите и затоа препорачуваме во следните две недели компаниите вршители на енергетски дејности, како и јавните претпријатија што се даватели на водни услуги, да се воздржат од исклучување поради неплатени сметки – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.