Кој има штеди во банка, кој нема се задолжува преку кредити. Растат и депозитите и кредитите на граѓаните и компаниите во домашните банки. Во декември лани вкупните депозити достигнаа речиси 9,8 милијарди евра, од кои 6,5 милијарди се заштедите во банка на македонските граѓани. 2,9 милијарди евра пак се заштедите на компаниите.

„Вкупните депозити, во декември, забележаа месечен раст од 5,3%, кој што се должи на повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот„домаќинства“. На годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 12,4%, во поголем дел поради растот на депозитите на „домаќинствата“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор“, велат од НБРМ.

На другата страна на паричникот се кредитите, кои вкупно тежат 8 милијарди евра. Граѓаните се задолжени во банки со вкупно 4 милијарди евра преку кредити, а речиси исто толку е задолжувањето на фирмите.

Во декември, вкупните кредити бележат месечно и годишно зголемување за 2,7% и 11,2%, соодветно. Месечната и годишната промена е резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.