Штедните влогови на граѓаните во денари во домашните банки се намалиле за дури 117,5 милиони евра, говорат најновите податоци на Народна банка на Македонија.

На крајот на февруари, денарските депозити на домаќинствата во банките изнесувале 2,4 милијарди евра, додека на крајот на март се спуштиле на 2,3 милијарди евра, стои во податоците на НБМ.

Од овие 117 милиони евра, 28,4 милиони евра од денарските депозити биле претворени во евра, односно во март за толку пораснале штедните влогови во странска валута.

Но, голем дел од депозитите на домаќинствата се целосно повлечени од банките и се ставени или под перница, или инвестирани во нешто, на пример недвижности, и тоа дури 89 милиони евра.

Во моментов вкупните депозити на домаќинствата изнесуваат близу 4,9 милиони евра.  Како причина за ваквите осцилации се посочува воената психоза која ја зафати Европа по руската инвазија на Украина и стравот од девалвација во земјава, за кој монетарните власти постојано смируваат дека е неоправдан и дека не се планира надолна промена на вредноста на домашната валута. Дека војната во Украина ги предизвика овие раздвижувања, говори и фактот што во февруари, на пример, не е забележано големо повлекување на денарски депозити.

Според податоците на Народна Банка, на крајот на февруари денарските заштеди на граѓаните изнесувале 2,43 милијарди евра, наспроти 2,42 милијарди евра на крајот на јануари годинава. Ова значи дека во февруари во однос на јануари имало сосема мал тренд на намалување на депозитите во денари, и тоа за 390 илјади евра. (Р.Н.)