Штедењето и задолжувањето кај банките во првиот месец од годинава се движеле со речиси исто темпо. Годишнот раст на вкупните депозити во јануари е 11, а на вкупните депозити 11,3 проценти. И во двата случаи предност има домашната валута. Од 9,6 милијарди евра, колку што е износот на парите доверени од граѓаните и од компаниите, 5,3 милијарди евра се чуваат во денари. Дадена е кредитна поддршка од осум милијарди евра, од кои 4,9 милијарди евра се во денари.

Според последните податоци на Народната банка, вкупните депозити (од 592.750 милиони денари) пораснале, пред се, поради навиките на граѓаните, кои ги зголемуваат заштедите. Притоа, достигнато е ниво од 397.793 милиони денари, односно 6,46 милијарди евра. Раст има и кај депозитите на корпоративниот сектор (167.507 милиони денари/ 2,7 милијарди евра).

Иако  според сумите, позадолжени се граѓаните, кредитирањето на годишна основа поголемиот стимул го добива од потребите на корпоративниот сектор. Во јануари вкупните кредити се во износ од 494.098 милиони денари, односно 8 милијарди евра, од кои на компаниите отпаѓаат 241.446 милиони денари или 3,9 милијарди евра, а на населението – 250.139 милиони денари или четири милијарди евра.

Сепак, поинакви се состојбите кај месечните движењаВкупните кредити се намалени за 0,1%, како резултат на падот на кредитирањето на корпоративниот сектор, при раст на кредитите на домаќинствата. А, пак, депозитите бележат месечен пад од 1,3%, „во целост како резултат на намалените депозити на корпоративниот сектор, додека депозитите на секторот домаќинства се зголемуваат, наведуваат од НБРСМ.

Кредитите на населението се движат по нагорна линија и на месечно и на годишно ниво – за 0,2%, односно за 8,8%. И тоа, како што се посочува, „во поголем дел поради зголеменото кредитирање во денари, при раст и на кредитите во странска валута“.

Граѓаните најмногу се задолжуваат преку потрошувачките кредити. Меѓутоа, во јануари е регистриран пад од 0,3%. По тој основ се одобрени 128.466 милиони денари (над две милијарди евра), а нивниот годишен раст е 8,4%.

Во јануари била зголемена побарувачката на станбените кредити, па има раст од 0,5%, додека годишното поместување е за 12,7%. Овие кредити се во вкупен износ од 94.853 милиони денари (1,5 милијарди евра).

Во текот на првиот месец од годината автомобилските кредити (420 милиони денари/6,8 милиони евра) бележат месечен и годишен раст од 0,7% и 5,1%.

Трендот на опаѓање и натаму продолжува кај задолжувањето со посредство на кредитни картички -за 1,1% на месечно и за 9% на годишно ниво. Наспроти тоа, кај негативните салда на тековните сметки има месечен раст од 11,4%, но и годишен пад од 4,6%. Кредитите одобрени по други основи се намалени за 1,2%, односно 10,2% на месечна и на годишна основа.

Што се оденсува до компаниите, нивните депозити во јануари се намалиле за 5%. „Надолната промена произлегува од падот на депозитните пари, како и од падот на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута“, пишува во извештајот на НБ. На годишна основа, пак, остварен е раст од 5,7%, а обезбеден е од поволните движења кај сите компоненти.

Кредитирањето во јануари е опаднато за 0,4%. И тоа како резултат на осипувањето кај денарските кредити. Од друга страна, кредитната поддршка дадена на корпоративниот сектор на годишна основа е повисока за 14,2% – во целост поради зголеменото кредитирање во денари.