Ана Глигорова, граѓанската активистка од „Стоп за извршителите“ во емисијта на радио Канал 77 на тема незаконитост и грабливост на извршителите – истакна дека проблемот настанал кога се појавиле приватните извршители.
– На почетокот луѓето не претпоставуваа дека настанува спрега, па илјадници доживеаја и доживуваат социјален дебакл. Се наплаќаат виртуелно напумпани долгови. Долгот често се наплатува 10, 20, 50 пати повисоко. Имаме случај за 1.000 да се заглави во долг од 70.000 денари. Има антидатирање, се пресметуваат астрономски камати многупати повисоки од долгот, а извршителите може и директно да ти блокираат сметка. Педесет евра, неплатен долг за струја наместо да ти бидат симнати од сметка, неа ти ја блокираат, па потоа мора да плаќаш и за деблокада, па како и банката да ти станала доверител. Извршители блокираат сметки и на луѓе без егзистенција, како еден скопски извршител кој самохрана мајка ја остави без плата – вели Глигорова. Според неа потребен е ветинг и на извршителите, затвор за многумина во оваа геноцидна спрега, кратење на роковите за застарување на две години…
Дека извршителите не работат според закон, дека извршувањето е пред се за грабање пари од туѓи сметки и за личен профит а не заштита на доверителите, портлот Вечер има и нов доказ. На граѓанин Ј.Ц од Скопје извршител му блокирал и земал цела месечна пензија иако на тоа нема законско право бидејќи може да се изврши за принудна наплата само една третина од платата. Сега граѓанинот треба да тргне по долг пат, со недели, од банки до адвокати за да ги поврати незаконски земените пари од неговата сметка, а за сето тоа време парите ќе бидат кај друг, а нему сметката ќе му биде блокирана… доказот за незаконското извршувањето можете да го видите на фотографијата.