Од среда инспекциските служби ќе бидат на терен заедно со членови на Владата и ќе вршат контрола како се реализира одлуката
Министерот за економија Крешник Бектеши не открива дали меѓу поевтините производи ќе се најде и саламата паризер, но соопшти дека списокот што во вторник ќе добие амин од Владата, ќе има многу повеќе од 50 вида прехранбена стока со пониски цени. Тој соопшти дека тие ќе бидат посебно обележани со црвено-златна етикета, на која ќе стои „гарантирана цена“.
Бектеши е дециден дека нема да се дозволи производителите во овој список да „мушнат“ и храна што е со куси рокови на траење за да го искористат моментот да се ослободат од залихите. За таа цел, Владата малку ќе ја измени одлуката за забрана на акциската продажба, па потрошувачите да бидат сигурни во квалитетот на стоката што ја купуваат. Тој ги повика производителите чии стоки не се на списокот, сами да се пријават во Министерството за економија за да ја добијат новата етикета.
За граѓаните е мошне битен и податокот дека нема да биде намалена цената на само еден производ од еден производител, туку ако, на пример, станува збор за тестенини, ќе бидат опфатени сите увозни и домашни брендови. Бектеши ќе има состанок и со производителите на пијалаци и со дистрибутерите, со цел следната недела да бидат вклучени и тие во одлуката за намалување на цените до 30 ноември.
– На сугестија на трговците се договоривме јасно да ги обележиме производите чиишто цени ќе бидат замрзнати според референтната цена од 1 август и поевтини за 10 отсто. Станува збор за 25 категории прехранбени производи, овошје и зеленчук, така што списокот е поголем од 50 како што најавивме. На списокот се речиси сите прехранбени производи од пекарската, месната и млечната индустрија, а тој е преземен од Државниот завод за статистика и нивната методологија според тоа кои производи се трошат најмногу во нашата земја – додаде Бектеши.
Тој најави дека од среда инспекциските служби ќе бидат на терен заедно со членови на Владата и ќе вршат контрола како се реализира одлуката на Владата.