Граѓаните се збунети и не знаат зошто има различни „гарантирани цени“ во различни маркети. Велат дека и по одлуката на Владата, во маркетите во кои и претходно производите биле поскапи, производите имаат повисоки цени отколку во некои други маркети. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека и до нив стигнуваат вакви прашања од потрошувачи, кои сметаат дека ист производ треба да има иста цена во сите маркети. Оттаму објаснуваат дека цените некаде се повисоки, а некаде пониски, бидејќи ист производ од ист производител имал различна цена на 1 август, која е земена како референтна цена за намалувањето од 10 отсто.
Граѓаните се збунети и не знаат зошто има различни „гарантирани цени“ во различни маркети. Велат дека и по одлуката на Владата, во маркетите во кои и претходно производите биле поскапи, производите имаат повисоки цени отколку во некои други маркети. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека и до нив стигнуваат вакви прашања од потрошувачи, кои сметаат дека ист производ треба да има иста цена во сите маркети. Оттаму објаснуваат дека цените некаде се повисоки, а некаде пониски, бидејќи ист производ од ист производител имал различна цена на 1 август, која е земена за референтна цена за намалувањето од 10 отсто. Така, на пример, ако во некој маркет јогуртот на 1 август бил поскап од друг, и сега ќе биде поскап.
– Цените треба да бидат намалени најмалку за 10 отсто во однос на цената на 1 август, која е земена како референтна. Во меѓувреме, цените се менувале и, можеби, биле пониски или повисоки, но како референтна цена е земена онаа што била на 1 август. Потрошувачите што ќе забележат дека некои производи не се намалени, треба да пријават во Државниот пазарен инспекторат, од каде што ќе проверат дали се намалени за 10 отсто во однос на референтната цена – вели за весникот ВЕЧЕР претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.
Таа појаснува дека има разлики во цените од маркет до маркет и поради тоа што некој маркет ги набавува производите поевтино од друг, односно има пониски маржи.
Во однос на поплаките од граѓаните дека веднаш снема од полиците во маркетите некои од производите што имаа најниски цени, од ОПМ велат дека може да има различни причини за тоа. Може да нема достава од набавувачот или, пак, производите намерно не се пуштаат во продажба.
– Ако набавувачот носел одредена количина млеко на 1 август, сега треба да обезбеди најмалку 70 отсто од таа количина. Така што трговците мора да ја почитуваат оваа обврска. Во спротивно, ќе бидат казнети. Замрзнати се 25 групи производи, така што ако нема одреден вид млеко, има друг, па потрошувачите може да купуваат од тоа млеко што го има во моментот – појаснува Лончар-Велкова.
И покрај тоа што Владата ги замрзна цените на повеќе од 50 производи, сепак, граѓаните велат дека цените на храната сè уште се многу високи во однос на платите и на пензиите. Велат дека има мало намалување на некои производи, но се збунети и не знаат зошто има различни „гарантирани цени“ во различни маркети.
– Јогуртот од ист производител, иста грамажа, во еден маркет е поевтин отколку во друг. Нели има „гарантирана цена“ и треба секаде да се продава по иста цена?! – вели една жена во маркет.
Други потрошувачи, пак, се жалат дека откако се донела одлуката за замрзнување на цените, најевтините производи веднаш ги снемало од полиците.
– Очигледно е дека има намалување на цените на некои производи, но дел од производите што беа со најниски цени, по неколку дена од одлуката ги снема од полиците во маркетите. Така, на пример, најевтиното трајно млеко од 49 денари го имаше само два-три дена и толку. Исто е и со сирењето, кравјото сирење од 222 денара за килограм го нема во фрижидерот – вели еден купувач во маркет.
Од Државниот пазарен инспекторат постојано апелираат дека доколку забележат некои нерегуларности околу цените, може да пријават веднаш на бесплатниот телефонски број 191.
Одлуката на Владата ќе важи до 30 ноември, а за нејзино евентуално продолжување, ќе се одлучува во зависност од ситуацијата.