Град Скопје и Стопанска банка АД – Скопје денеска ги промовираа 5-те станици за поправка на велосипеди кои ќе им овозможат на велосипедистите до колку имаат потреба да извршат мали интервенции на своите велосипеди.

 

– Намалувањето на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалувањето на загадувањето на воздухот, се предизвици со кои се соочуваат сите големи градови во светот. Од овие причини Град Скопје посветува големо внимание на активностите кои придонесуваат за постигнување на одржлива урбана мобилност во сообраќајот. Во таа насока сакам да се заблагодарам за поддршката од Стопанска банка АД – Скопје кои со својата донација на 5 станици за поправка на велосипеди преку проектот „Вози право, вози здраво“ директно придонесуваат за развојот на велосипедската култура во градот- изјави Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

 

– #ВозиПравоВозиЗдраво прерасна во синоним за заедничките напори на граѓаните на Скопје и во развојот на велосипедската култура. Чест ни е што во соработка со Град Скопје денес можеме да ги презентираме 5-те станици за поправка на велосипеди кои се дел од донациите на Банката со кои се заблагодарува за поддршката и учеството на граѓаните на ревијалните трки изминатите 4 години. Станиците се опремени со рачна пумпа за гуми, 6 специфични алати кои се стандардни за ситни поправки на велосипедите и кои веруваме лесно и брзо ќе бидат научени од сите заинтересирани. Првата пробна станица беше поставена пред повеќе од 1 година и е во одлична форма. Локациите на станиците ќе бидат објавени, а за првите корисници на станиците кои на социјалните мрежи ќе споделат фотографија со #ВозиПравоВозиЗдраво, Банката ќе обезбеди симболични подароци. – изјави Ратка Тирицовска, Директор на Дирекцијата за маркетиг и односи со јавност во Стопанска банка.

Локациите на сервисните станици се внимателно одбрани за да бидат на места каде што има поголема фреквенција на велосипедски сообраќај и на позиции каде што веќе постои 24 часовен видео надзор, со цел да се заштитат станиците од намерно предизвикани штети.

 

Сервисните станици за велосипеди се поставени на овие 5 локации:

1. БС Mакпетрол бул. Партизански одреди (кај раскрсницата со бул. 8-ми септември) (НА МАПА),

2. БС Макпетрол кај транспортниот центар,(НА МАПА)

3. БС Макпетрол на излезот на Скопје кај Автокоманда,(НА МАПА)

4. БС Окта на бул. Србија (НА МАПА) и

5. пред Инфо центарот на Град Скопје во Градскиот парк (НА МАПА).

 

Град Скопје посветено работи на директно поттикнување на граѓаните да ги користат велосипедите како алтернативно превозно средство во густо населените урбани средини, затоа што тоа ќе им заштеди време и пари при транспортот од една до друга локација и ќе да придонесат  за намалување на загадувањето на воздухот.

Во таа насока досега се поставени  над 1.800 столпчиња, обезбедени се 2.700 метри простор за слободно движење на пешаците и велосипедистите. Годинава се исплатени субвенциите  за набавка на велосипеди на 3.131 граѓани, а во рамките на редовните активности на Градот се вршат  реконструкции и  се одржуваат постојните, но и се градат  нови велосипедски патеки.

 

Познато е дека користењето на велосипедите освен што не го загадува воздухот, позитивно влијае и на здравјето на велосипедистите. Затоа Градот Скопје заедно со Стопанска банка АД – Скопје ги повикува граѓаните почесто да ги употребуваат своите велосипеди и на тој начин да развиваат здрави навики грижејќи се истовремено и за чистиот воздух и здравата животна средина.