Недостигот од вештини станува една од најголемите пречки за развој, а тоа се отсликува и работата во традиционалниот сектор градежништвото. Градежните компании ќе мора да ги применуваат современите и иновативните технолошки решенија како предуслов за подигнување на конкурентноста, продуктивноста и ефикасноста на работењето. Недоволното користење на новите алатки и стандарди, според експертите, ќе ги ограничи да работат само на домашниот пазар.
Според Кристинка Радевски, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери, примената на новите технолошки решенија е императив за подобрување на состојбата во градежниот сектор, а тоа е особено значајно при реализацијата на инфраструктурни и големи проекти од државен интерес.
Почетоците на дигитализацијата во оваа област во нашата земја датираат од неодамна и тоа најнапред во елементарните постапки поврзани со подготовка и одобрување на проектната документација. Почнувајќи од 2013 година, севкупната проектна документација неопходна за добивање на одобренијата за градење, се доставува електронски и се потпишува електронски со дигитален потпис/дигитален сертификат, кој стана задолжителен за сите членови на Комората.
Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), сите општини, останатите релевантни субјекти и Министерството за транспорт и врски се поврзани во еден заеднички информациски систем „е-одобрение за градење“, преку кој се води и следи целата постапка. Комората активно учествуваше во оваа огромна измена во 2013 година и одигра клучна улога во процесот на обуки на своите членови (архитекти/инженери) за користење на новиот систем и дигиталните потписи и обезбеди значителни попусти за своите членови за добивање дигитален потпис/сертификат од овластените издавачи.
Без нови технолошки решенија градежницие ќе работат само на локални проекти
– Градежниот сектор е еден од секторите кои имаат најмала продуктивност во однос на останатите сектори. Oд тие причини дигитализацијата и тоа како ќе одигра клучна улога во зголемување на конкуретноста. Она што Комората во рамки на своите овластувања го презема покрај информативниот е и едукативниот дел, преку организирање на обуки за своите членови, особено во насока следење на современите текови за примена на дигиталните алатки што ги користи светот во областа на градежништвото, вели Радевски.
Меѓу тие алатки е и Информациското моделирање на градби БИМ, а во дел од ЕУ земјите не може да се учествува на тендер доколку проектите и изведбата не се подготвоени согласно стандардите што ги налага оваа методологија. Иако БИМ-от започнува уште од 1984 година, посериозно место во градежниот сектор во светот зема од 2008 година. Обуките за користење на БИМ алатки на ниво архитект и инженер во држсвава се прават веќе неколку години од комерцијални сертифицирани центри.
– Сепак, се уште ретко која компанија денес се обучува БИМ методологијата да ја имплементира на компаниско ниво. Директивата 2014/24/EU претставува препорака до сите земји членки да користат специјални електронски алатки како БИМ при договори за проектирање, изведба, а веќе и за одржување на јавни објекти и работи. Денес во дел од ЕУ земјите не можете да учествувате на тендер доколку проектите и изведбата не се подготвоени согласно БИМ стандардите. Доколку нашите компании во следните пет години, максимум, не почнат со обуки во БИМ истите ќе бидат ограничени само на македонскиот пазар и нема да бидат во можност да аплицираат во странство, смета Радевски.
Во изминатите неколку години Комората организирала преку десетина обуки за БИМ технологии со предавачи од земјата и странство. Во таа насока продолжуваат активностите со позасилена динамика и наредната планирана обука е во мај годинава. Комората редовно соработува со компанииите кои ги поседуваат софтверските лиценци за БИМ алатки и обезбедува попусти за своите членови за купување на лиценците. Исто така, информира Радевски, Комората во 2021 година номинираше свој претставник во Техничкиот комитет ТК45 за БИМ моделирање, во рамки на ИСРСМ. Од тој технички комитет во ИСРСМ треба да произлезе регулативата за стандардизација на процесите за информациското моделирање на градби (БИМ). Комората смета дека примената на новите технолошки решенија е императив за подобрување на состојбата во градежниот сектор и истакнува дека ова е особено значајно при реализацијата на инфраструктурни и големи проекти од државен интерес. Услов за воспоставување на правната рамка би било воведување на БИМ мандат во законската регулатива. Од тука, вели Радевски, потикнувањето на користењето на БИМ може да започне пред се, доколку се внесе во јавните набавки, но за почеток не како обврска туку како можност за дополнителна валоризација при евалуацијата на понудите. На тој начин нема да се ограничат фирмите, но истите ќе се поттикнат своите проекти да почнат да ги изработуваат во БИМ. Но, треба да сме внимателни од аспект на примена на брзи законски решенија бидејќи цените на софтверските лиценци се многу високи, а знаењето на овие комплексни БИМ софтверски алатки е на доста ниско ниво. Прогресивна имплементација, на здрава основа, со сериозен стартешки пристап е основа за успешна, побрза и ефикасна дигитална трансформација. На градежниот сектор му треба кадар со нови вештини Во градежниот сектор наскоро ќе бидат потребни луѓе со нови вештини, ќе бидат генерирани и нови професии кои со преминувањето кон дигиталните технологии ќе претставува можност за преквалификување на постоечкиот кадар. – Бидејќи ова се процеси за кои е потребно време, сметаме дека дигиталната трансформација не треба да претставува ризик за опстојување на работните позиции во секторот инженерство. Најголемиот скок беше направен во 2013 со дигитализацијата на севкупната проектна докуменентација и користењето на дигиталните потписи, што беше навистина огромна измена бидејќи тогаш се исклучи хартиениот процес. Дури и таа измена, со сиот свој обем и комплексност не создаде атмосфера за губење на работни места, туку се искористи за доедукација и напредок во работењето. Затоа, е неопходен процесот на континуирана едукација и надградба на вештините, а сите оние кои ќе одбијат да го сторат тоа, ќе влезат во ризична група што пазарот на труд се помалку ќе ја препознава, укажува Радевски. И според техничкиот експерт за Македонија и Косово на Програмата за финансирање на енергетска ефикасност – ГЕФФ Игор Панчевски, нашите компании ќе можат да си работат, како што вели, само на проектирање локални куќички ако не направат трансфер во БИМ технологијата за пет години. Голем број сектори во светот, посочува тој, ја искористија дигитализацијата и се трансформираа, почнувајќи од производствениот, земјоделието, транспортот… и продуктивноста на тие сектори оди нагоре, а единствено градежништвото како традиционачен сектор не направи трансформацијата. И во Македонија е потполно исто, дури сме и поназад со некои работи. Грешките и неусогласеностите може да се сведат на минумум кај големите инфраструктурни проекти Според Панчевски, нашите компании „се будат“ во овој поглед, особено тие каде менаџментот е пофлексибилен и прават преструктуирање бидејќи виделе такви искуства и сакаат да пронајдат нови пазари. БИМ-от, посочува, е технологија која не зависи од локација и обучена фирма за ова да може во делот на проектирање да дава услуги каде било во светот. Веќе имаме неколку наши компании кои ги препознале навреме придобивките и работат во проекти низ светот. Примената на оваа технологија има најголемо влијание, укажува Панчевски, кај големите инфраструктурните проекти, патишта, железници, огромните објекти за градење, вредни мултимилионски суми. Тоа е затоа што со БИМ-от уште во самото проектирање и самиот почеток се вклучени сите струки и бројот на грешки или можноста за појавување на грешки и на неусогласености е сведен на минимум. Оддолжувањето на изведбата на овие објекти скоро е невозможно, освен од некоја временска непогода. Кога го проектирате инфраструктурниот проект можеби ќе ви треба два, три, четири пати повеќе време сето тоа добро да го изменаџирате и направите бидејќи имате многу страни. Но, кога тоа веќе еднаш ќе го направите изведбата на целиот инфратсруктурен проект и трошоците ви се веќе предвидени и скоро и да немате изглегување од рамката на тоа што е договорено со БИМ-от, наведува Панчевски. Од тие причини, објаснува тој, ЕУ, вклучувајќи голем дел од европските држави, како Велика Британија, Германија, Италија, најпрво започнаа со обврска на сите изведувачи на инфраструктурни проекти да бидат направени во БИМ. Таа обврска Велика Британија ја започна од 2016 година, Германија 2020. Тоа ќе следи веќе во сите други земји бидејќи самата Директива која ЕУ ја донесе во 2014 година ја налага таа обврска на сите членки. – Кај нас со дел од европските проекти веќе направивме одреден вид на патоказ како тоа би требало да биде во Македонија. Добивме начелна поддршка, но останато е за жал на таа начелна поддршка. Во делот на имплементација ние сакавме БИМ барем како незадолжителна опција да биде влезен во јавните набави, значи фирмите кога аплицираат покрај аутокад верзиите на нивните проекти, тие што ќе достават БИМ верзија да добијат одреден број дополнителни поени, но се уште не се направени тие измени за да може БИМ-от да биде влезен во регулативата, укажува Панчевски. Како што истакнуваат од Здружение на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонија, Дигитализацијата во градежниот сектор е веќе започната на глобално ниво, што е поттик градежната фела да размислува за воведување алатки кои ќе овозможат дигитализирање на процесите и побрз проток на информации. БИМ – Building Information Modeling , посочуваат, е во центарот на дигиталната трансформација на градежниот сектор и прва асоцијација кога ќе се спомене одржливо и енергетски ефикасно градење. БИМ претставува тренд кој се повеќе се применува во секторот особено во развиените западни земји и претставува 3Д-базиран процес што им дава на архитектите, инженерите и градежните професионалци увид и алатки за поефикасно планирање, проектирање, изградба и управување со објектите во насока на усогласено преземање на активностите во процесот на изградбата и одбегнување на можности за грешки во сите фази на изведба на објектот. – Градежниот сектор во нашата држава постепено се приклучува кон модерните трендови и е запознаен со информациското моделирање на градбите. Ако се тргне од фактот дека дигитализацијата е неизбежен процес, тогаш може да се заклучи дека градежните компании ќе мора да ги применуваат современите и иновативните технолошки решенија како предуслов за подигнување на конкурентноста, продуктивноста и ефикасноста на работењето, велат од Здружението. Уажуваат и дека го следат чекорот со времето и веќе подолг временски период имплементираат проекти кои имаат за цел развој на капацитетите и постепена дигитализација на процесите во градежништвото, имплементирање на постулатите за енергетската ефикасност и исполнување на целите за одржлив енергетски развој. Како пример за тоа ги посочуваат проектите TRAINEE и SeeTheSkills кој ги координира комората. Преку овие проекти активно учествуваат во организирање на обуки и сертифицирање кадри кои ќе го олеснат процесот на воведување и примена на БИМ што претставува прв чекор кон дигитализацијата на градежништвото на национално ниво и зголемување на побарувачката за енергетски ефикасно градење. Досега организираните обуки во рамки на проектот TRAINEE побудиле сериозен одзив за учество на претставници на повеќе од педесетина градежни компании – инженери, архитекти, инвеститори, изведувачи што е потврда дека компаниите имаат интерес да се запознаат со практичната примена и бенефит од примената на оваа алатка. Проектот SeetheSkills , пак предвидува и формирање регистри за сертифицираните работници што ќе овозможи и поголема видливост на лицата кои се стекнале со дигитални вештини на европско ниво. – Енергетската ефикасност и дигитализацијата несомнено ќе придонесат за јакнење на конкурентноста на градежништвото како еден од секторите кои се двигатели на домашната економија што опфаќа 7,4 проценти од вкупниот број деловни субјекти и вработува 6,8 проценти од вкупно вработените лица во државата, велат од Здружението. Меѓутоа, како што нагласуваат, пред да се размислува за воведување на БИМ во регулативата и негово предвидување како задолжителна обврска за учество на тендери за големите капитални проекти потребен е внимателен и консекутивен пристап. Тој пристап ќе треба да овозможи: подготовка на владините институции за обезбедување на поволно деловно опкружување и соодветна правна рамка која ќе овозможи воведување на современите технолошки решенија во градежништвото, подготовка на образовните институции кои ќе работат на прилагодување на образовните програми на потребите на бизнис заедницата, со цел подготовка на стручен кадар кој ќе може да се приклучи во работниот процес и да ги примени новите технолошки решенија, и подготовка на градежните компании да инвестираат во примена на нови програми и технологија, но и во кадар што ќе знае истите да ги применува. Градежниот е меѓу индустриските сектори опфатени за поддршка преку платформата Skills4Future.mk која има цел на едно место да ги собере компаниите, носителите на политики и професионалците за развој за да истражат и најдат применливи решенија за заедничките предизвици со кои се соочуваат локалните бизниси. Платформата се користи за да се поддржат фирми во трите индустриски сектори: градежен, текстилен и обновливи извори на енергија за да се дискутира и договори нов, можен модел за надминување на недостигот од вештини, кој станува една од најголемите пречки. Во Извештајот за транзиција 2021-2022 што го изработи Европската банка за обнова и развој, во државава и покрај значајните подобрувања во изминатите години во различни области, сепак ниското ниво на дигитални вештини претставува ограничување кое ја забавува натамошната дигитализација. Согласно со индексот на дигитализација на ЕБОР на скалата од 100, Северна Македонија е на ниво од 59 проценти во однос на неопходните услови за дигитализацијата и 48 проценти во однос на употребата на дигитални технологии од страна на компаниите и граѓаните, што, е блиску до регионалниот просек.