АМСТЕРДАМ (Ројтерс) – Автомобилите и моторите со бензински и дизел мотори ќе бидат забранети во Амстердам од 2030 година, во обид да се исчисти воздухот во градот, соопшти вчера Советот на главниот град на Холандија.
“Загадувањето често е тивок убиец и е една од најголемите опасности за здравјето во Амстердам”, рече градскиот советник, Шарон Диксма.
И покрај широката употреба на велосипеди од страна на многу холандски граѓани и туристи, загадувањето на воздухот во Холандија е полошо отколку што дозволуваат европските правила, главно поради густиот сообраќај во градовите Амстердам и Ротердам.
Министерството за здравство предупреди дека сегашните нивоа на емисии на јаглерод диоксид и штетни честички може да доведат до респираторни болести, при што хроничната изложеност на загаден воздух го скратува очекуваниот животен век на граѓаните за повеќе од една година.
Амстердам има за цел да ги замени сите бензински и дизел мотори со алтернативи мотори без емисии, како што се електричните и водородните возила, до крајот на следната деценија.
Тоа ќе започне следната година со забрана на дизел автомобили изградени пред 2005 година од страна на градот и постепено ќе го прошири опсегот на сите возила што се забранети.
Од Градот изјавија дека ќе се доделуваат субвенции и бесплатни дозволи за паркирање за да ги стимулира луѓето да се префрлат на „почисти“ автомобили.