Севкупен пораст над 3 отсто е регистриран во осигурителниот сектор во текот на изминатата година, велат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Како што покажуваат нивните податоци, во текот на 2017 година е остварена бруто-полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 8,99 милијарди денари, што претставува пораст од 3,10 проценти во однос во 2016 година. Имено, во 2016 година премијата достигнала 8,72 милијарди денари.
Надлежните информираат дека позитивен тренд е присутен во двата сегмента на осигурување. Притоа, во делот за неживотно осигурување е остварена БПП во износ од 7,55 милијарди денари, која во 2016-та изнесуваше 7,43 милијарди денари. Овој тип осигурување опфаќа 83,92 отсто од вкупната БПП на осигурителниот сектор и има зголемување од 1,56 процент во споредба со 2016 година.
Во делот за осигурување на животот, кое, пак, опфаќа 16,08 отсто од вкупната БПП на осигурителниот сектор, e остварена премија во износ од 1,44 милијарда денари, која во 2016-та била 1,29 милијарда денари. Кај овој тип осигурување во текот на минатата година е забележан пораст од 11,95 проценти во однос на 2016 година.
– Кај осигурувањето на животот се забележува тренд од двоцифрен пораст како резултат на зголемениот интерес и поголемата свесност на населението за осигурувањето на животот. Исто така, сѐ повеќе сме сведоци на развој на банкоосигурувањето, каде што банките, покрај тоа што започнаа да се појавуваат како застапници во осигурувањето, исто така нудат врзани производи, најчесто хипотекарни кредити за купување недвижност заедно со ризико-осигурување на живот на кредитокорисникот. Дополнително, во сегментот на осигурувањето на животот, забележуваме голем прогрес кај осигурување на животот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот, (јунит линкд осигурување) како релативно нов производ на македонскиот пазар – објаснуваат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).
Податоците на агенцијата укажуваат исто така на пораст на полисираната премија од 5,47 отсто во текот на 2017 година во однос на претходната година во класата за осигурување од одговорност од употреба на моторни возила. Вкупната премија достигнала 4,07 милијарди денари, при едновремено зголемување на бројот на склучени договори од 3,66 проценти.
– Со оглед дека цената на задолжителното осигурување од автоодговорност во земјата и во странство е регулирана, порастот во 2017 година се должи на вклучување нови возила во сообраќај, како и на доследна примена на бонус-малус системот при утврдувањето на годишната премија – додаваат од АСО.
Каско-осигурувањето на моторни возила бележи благ пад од 0,28 отсто, со БПП 756,34 милиони денари, со истовремен пораст на бројот на склучени договори од 3,44 отсто.
Во 2017 година е евидентиран подем и во продажбата на здравственото осигурување. Во 2017 година беа склучени 1.752 договори за здравствено осигурување, со вкупна БПП од 58,10 милиони денари. Доколку се направи споредба со 2016 година, ќе се забележи зголемување на бројот на склучени договори на 39,49 проценти, додека, пак, на вкупната бруто-пласирана премија 28,49 отсто.
Значителен пораст од 436,61 отсто се бележи кај осигурувањето од гаранции со БПП од 4,09 милиони денари, кои во 2016 година изнесувале 762 илјади денари, а кај бројот на склучени договори има зголемување од 88,72 проценти.
Кај осигурувањето на животот e остварена БПП во износ од 1,44 милијарда денари, која во 2016-та изнесувала 1,29 милијарда денари, што претставува пораст од 11,95 отсто. Осигурувањето на животот учествува со 16,08 проценти во вкупната БПП на осигурителниот сектор. Позитивниот тренд е присутен и кај двете класи осигурување на животот, при што кај традиционалното осигурување на животот продолжува позитивниот тренд на пораст на БПП во износ од 1,35 милијарда денари.
Во споредба со 2016 година, кога БПП на осигурување на животот изнесувала 1,23 милијарда денари, се забележува пораст од 9,02 отсто, со пораст на бројот на новосклучени договори за осигурување на животот од 27,04 проценти, и тоа пред сѐ од типот на термински договори за осигурување на животот (ризико). Кај осигурувањето на животот, кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот, продолжува големиот тренд со пораст од 74,90 отсто, со остварена БПП од 100,9 милиони денари, и пораст на склучени договори од 9,07 отсто.
Конкуренцијата ги намали цените за осигурување имот
Кај осигурувањето имот продолжува трендот на пад од 7,65 проценти со бруто-полисирана премија од 1,44 милијарда денари, кој, пак, во 2016-та изнесувал 1,55 милијарди денари, при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 11,33 отсто.
– Ова е показател за изразената ценовна конкуренција помеѓу друштвата за осигурување, што доведува зголемениот број на продадени полиси да биде реализиран со пониски цени во однос на претходната година – појаснуваат од АСО.
Анализирајќи по групи, кај физичките лица имаме пораст од 13,72 отсто на склучените договори, проследен со намалување од 5,94 проценти на БПП, додека пак кај правните лица порастот од 5,04 отсто на склучените договори е проследен со пад од 8,08 проценти на БПП.
Во рамките на осигурување на имот, кај земјоделското осигурување се забележува намалување од 44,25 отсто на бројот на склучени договори, но и пад од 10,49 проценти. Остварената БПП за земјоделско осигурување во 2017 година изнесувала 157,26 милиони денари, додека во 2016 година БПП била 175,69 милиони денари.