Грција воведе доброволна шестдневна работна недела во одредени индустрии за да го поттикне економскиот раст и да ја зголеми продуктивноста, и покрај противењето на синдикатите кои велат дека овој потег нема да го реши недостигот на работна сила во земјата.
Според грчките власти, шестдневната работна недела се однесува само на приватните бизниси во Грција кои обезбедуваат услуги 24 часа на ден.
Како дел од продолжената работна недела, персоналот во избраните индустрии и производствени погони ќе има можност да работи дополнителни два часа дневно или дополнителни осумчасовни смени, со компензација од 40 отсто од редовната дневна плата, пишува Гардијан.
Грчката влада, предводена од премиерот Киријакос Мицотакис, вели дека мерката, која стапи на сила вчера, е неопходна поради намалувањето на населението и недостигот на квалификувани работници во Грција.