Грција ќе мора строго да се придржува кон програмата за реформи, вклучително и кратењата на буџетот и зголемувањата на давачките, доколку сака да продолжи да биде атрактивна за странски кредитори, изјави гувернерот на централната Банка на Грција, Јанис Стурнарас.
Грција следниот месец формално излегува од програма за помош која отпочна по финасискиот крах во 2010 година.
Но, Стурнарас вели дека странските финансиски корпорации ќе продолжат внимателно да го следат однесувањето на грчките власти и ќе реагираат на секој обид да се олабави фискалната дисциплина.
– Ако видат дека отстапуваме од реформите, тие ќе си отидат. Ако сметаат дека ги исполнуваме нашите обврски, тогаш ќе ни дадат шанса, изјави гувернерот.
Третиот дел од програмата отпочна во 2015 година и изнесуваше 80 милијарди евра помош, но беше условен со нов пакет на кратења на буџетот и зголемени давачки, како и приватизација на државен имот. По нејзиниот истек, Грција ќе биде препуштена на пазарните движења.