Првиот ден откако беше објавен јавниот повик на Министерството за економија за субвенционирање на инвертер клими, пристигнале над 500 барања до архивата од граѓани кои лично ги поднеле апликациите, а бројката е поголема со оглед на тоа дека граѓаните од другите градови своите барања ги испраќаат по пошта.
Утрово пред министерството имаше редица од стотина граѓани кои чекаа да ги поднесат барањата за да добијат ваучер од 23.000 за купување на клими инвертери.
Ваучерите ќе се добиваат преку пошта откако ќе заврши повикот и ќе бидат разгледани барањата. Распишан е и јавен оглас за избор на фирми од каде што граѓаните ќе може да набавуваат клими.
За да се добие ваучер, критериуми е подносителот во изминатите три години да не користел субвенции за инвертер клими, да нема приклучок на централното градско парно и уредот да биде вграден во текот на 2024 година односно најдоцна до 30 ноември. Ваучерите ќе се делат по принципот прв дојден-прв услужен.
Министерството за економија ја објави програмата за субвенционирање за енергетска ефикасност на домаќинствата која годинава е проширена и за неа се издвоени повеќе од четири милиони евра.
– Од утре ќе биде објавен јавен повик за доделување на ваучери од 25.000 денари по домаќинство за оние што живеат на територијата на пелагонискиот регион, односно општините Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци и Долнени како и за општините Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски брод, Охрид, Пласница, Струга и Центар Жупа. За Овие општини има одвоено 100 милиони денари – истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.
Во останатите региони во Македонија ќе се доделува ваучер од 23.000 денари за инвертери.
Ваучери за инвертери ќе се доделуваат и за ранливите категории граѓани и тоа од 27.000 денари за лицата со ниски примања за самец (вкупни приходи до 21.000 денари), домаќинство со два члена (вкупни приходи од 30.000 днари) и домаќинство со три члена (вкупни приходи од 35.000 денари).
Ваучер од 30.000 денари ќе се доделува на домаќинство со четири члена кое има вкупен приход од 40.000 денари и домаќинства со пет члена и повеќе чиј вкупен приход не надминува 45.000 денари.
Сите домаќинства ќе може да аплицираат ако во изминатите три календарски години не користеле субвенции за грејни уреди, немаат приклучок за градско централно греење, ако уредот е купен и вграден во 2024 година, а најдоцна до 30 ноември 2024 година и уредот да е инвертер клима. Граѓаните треба да аплицираат во министерството за економија.
Министерството предвидува дека ќе бидат поделени повеќе од 7.000 ваучери за инвертер клими, а ако има поголем интерес, Бектеши најави дека ќе се зголеми сумата за финансирање на ваучерите.