Како што најавија производителите од 1 март ќе има нагорна корекција на цените на прехранбените производи, бидејќи сите влезни инпути се поскапени. Владината мерка да се одмрзнат цените, а да се замрзнат маржите до 5 отсто за трговијата на големо и до 10 отсто за трговијата на мало ќе ги заштити производителите, но не и граѓаните од нов ценовен шок. Сепак, и покрај преземените мерки од страна на Владата, растот на цените сериозно го загрозува животниот стандард на граѓаните и ја намалува нивната куповна моќ. За само една година, цените на мало се зголемени за над 7 отсто, додека, пак, трошоците за живот се зголемени за над 6 отсто
Од 1 март граѓаните ги очекува нов бран поскапувања. Како што најавија производителите, ќе има нагорна корекција на цените на прехранбените производи, бидејќи сите влезни инпути се поскапени. Од друга страна, тоа беше и целта на Владата преку оваа мерка да им излезе во пресрет на производителите чии трошоци се значително зголемени поради растот на цените на енергенсите и да удри по трговците кои пресметувале нереално високи маржи. Владината мерка да се одмрзнат цените, а да се замрзнат маржите до 5 отсто за трговијата на големо и до 10 отсто за трговијата на мало, ќе ги заштити производителите, но не и граѓаните од нов ценовен шок.
Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека причината за носење на оваа мерка е да се спречат трговците да остваруваат огромни профити.
-Одредени национални ланци на маркети во периодот 2020/21 година, во време на пандемија, оствариле огромни профити. Тоа е период кога големите маркети беа поддржани од Владата со субвенции. 20 отсто е просечен профит или маржа која ја ставаат големите маркети. Дополнителни давачки, согласно со договорот за продажба, се количински рабат за набавка 7,5 отсто, кој производителот треба дополнително да му го даде на трговецот на мало, потоа за изложување 5 отсто, па одреден процент за комерцијална соработка. Кога ќе се собере сето ова се гледа дека за 30 отсто се зголемува конечната цена. Според завршните сметки, нето-профитот на националните ланци се движи од 2 до повеќе од 8 милиони евра, изјави Бектеши.
И тој смета дека одмрзнувањето на цените ќе доведе до зголемување на цените на одредени продукти. Производителите, пак, кој претходно најавуваа дека откако ќе се одмрзнат ќе има ново зголемување на цените за 20 до 30 отсто, сега не конкретизираат за колку ќе поскапат производите и велат дека чекаат одлуката да излезе во „Службен весник“ за да пресметаат колку и кои производи ќе поскапат.
– Неминовно е зголемување на цените, а за колку зависи од калкулациите на самите компании. Тие не можат да произведуваат и да продаваат по цени што ќе им носат загуби, бидејќи цените на сите влезни инпути се зголемени. Новата мерка за ограничување на маржите треба да ги сузбие нереалните покачувања на пазарот. Всушност, кај овие производи кои се опфатени со новата мерка, како и производите кои претходно беа замрзнати нема нереални покачувања. Но, други производители ги качуваат цените кои реално не би требало толку да бидат поскапени. Така на пример нереално е цената на течниот детергент да се зголеми за 60 отсто, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.
Производителите велат дека освен струјата и гасот кои не престануваат да растат и цените на берзата за одредени суровини се за 50 до 60 отсто повисоки од минатата година.
И од Агробизнис комората велат дека мерката за ограничување на маржите е пофер за производителите и за трговците, а, во исто време, со неа ќе се заштитат и потрошувачите.
– Оваа мерка може да спречи нереално зголемување на цените. Ограничување на маржите е подобра мерка отколку замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Сè уште е рано да се каже како ќе влијае оваа мерка на пазарот и на цените на домашните производи. Секој производител треба да направи анализа и ќе направи корекција на цените – вели Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис комората.
Од 1 март ќе се ограничат маржите на: лебот, шеќерот, солта, брашното, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.
Сепак и покрај преземените мерки од страна на Владата, растот на цените сериозно го загрозува животниот стандард на граѓаните и ја намалува нивната куповна моќ. За само една година, цените на мало се зголемени за над 7 отсто, додека, пак, трошоците за живот се зголемени за над 6 отсто.