Во присуство на високи државни претставници, значајни претставници од бизнис-секторот во земјата, како и клиенти и блиски соработници на Халкбанк, денес се одржа свеченост на која Халкбанк АД Скопје го доби престижното признание за придонес кон развој на претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа „Креатори на столетието“ за 2018 г.

Признанието го доделуваат Меѓународниот економски форум „Перспективи“ и Меѓународниот комитет за доделување награди и признанија „Креатори на столетието“ од Хрватска, во рамките на Регионалниот самит на претприемачи од Средна и Југоисточна Европа „300 најдобри“, кои годинава се одржаа од 22 до 24 март 2019 година во Дубровник, Хрватска.

Халкбанк

Во рамките на Самитот „300 најдобри“, престижните награди и признанија „Креатори на столетието“ им беа доделени на повеќе поединци, компании, научно-образовни институции, локални и регионални заедници, невладини организации, медиуми и на сите оние што со посветена и креативна работа придонеле за развој на претприемништвото, а со самото тоа и за развој на целата заедница во која живееме и создаваме.

Конкретно, наградата и признанието што го добива Халкбанк АД Скопје е за придонес кон развој на претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа, а всушност се доделува на оние претприемачи, менаџери и други лица, организации и институции, кои особено придонеле и придонесуваат за развој на претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа.

„Навистина е чест да се прими ова престижно признание, особено што во однос на изминатата година навистина сме задоволни од огромните постигнувања на нашата компанија, и тоа не само од нашата финансиска успешност, туку и од успешноста со која им обезбедивме одлична услуга на нашите клиенти и на заедницата во која припаѓаме. Особено сме горди и што според официјалните истражувања на финансискиот пазар за 2018 г., клиентите ја рангираа нашата банка меѓу оние со најдобар квалитет на услугите, а, пак, 2018 година беше уште една рекордна година и во однос на резултатите, која заврши со раст од 20,5% и со достигнување профит од 10,6 милиони евра. Сите овие се показатели дека Банката цврсто и стабилно се искачува на финансискиот пазар во земјата, па оттука, би сакал да потенцирам дека наградата за придонес кон развој на претприемништвото е заслуга на сите наши вработени што посветено работеа во исполнувањето на целите на компанијата“, изјави Д-р Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.

Наградите ги доделија почесните гости, проф. д-р сц. Синиша Зариќ, претседател на Меѓународниот комитет на „Креатори на столетието“ и г. Винко Ќуро, претседател на Управниот одбор на МЕФ „Перспективи“, кои на настанот го најавија и Светскиот конгрес на претприемачи Северна Македонија 2019, кој годинава ќе се одржува во Скопје во октомври.

Халкбанк

„Донесувањето одлука за избор на лауреати не е ни малку лесен процес и таа одлука ја носи независниот Меѓународен комитет за доделување награди и признанија ’Креатори на столетието‘. Од вкупно 411-те кандидати, Халкбанк АД Скопје е всушност една од 56-те наградени компании и поединци од шест земји, што е исклучително достигнување, и би сакал искрено да им честитам за постигнатиот успех и за нивната заслуга за развој на претприемништвото во Централна и Југоисточна Европа“, изјави проф. д-р сц. Синиша Зариќ, претседател на Меѓународниот комитет на „Креатори на столетието“.

Халкбанк

Признанијата годинава ги доделуваме по петти пат на достојни поединци и компании што со своите посветеност, знаење, креативност, односи со заедницата и видливи резултати, придонесуваат за развој на претприемништвото, а со тоа и на целото општество. Сакаме јавно да ѝ оддадеме почит и на Халкбанк, бидејќи е меѓу главните двигатели на напредокот во заедницата во која дејствува, но и еден од креаторите на развојните предизвици за новото време, рече г. Винко Ќуро, претседател на Управниот одбор на МЕФ „Перспективи“.

На настанот истовремено беа доделени признанија „Креатори на столетието“ и на компаниите АДИНГ, Адора Инженеринг и АД Киро Дандаро, а на сите добитници со кратко обраќање им честиташе и доц. д-р сц. Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата на РСМ, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, кој е и потпретседател на Научно-стручниот совет на Светскиот конгрес на претприемачи РСМ 2019.

Халкбанк