Владата се фали со зголемувањето на просечната плата, но голем број вработени во јавниот сектор и натаму се на ниво на минималец. Додека платите на функционерите се зголемија за 78 отсто, просветните работници со мал фонд на часови земаат 12.000 денари месечно. Синдикатите велат дека пресметките на платите за функционерите се прави со коефициент, а за работниците со бодови.
Иако просечната нето плата во март годинава е зголемена и изнесува 34.925 денари, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), синдикатите реагираат дека над 90 проценти од вработените во администрацијата сè уште заемаат пониски плати, кои во просек се помалку од 23.000 денари. Додека примањата на илјадници работници се на ниво на минималната плата, во меѓувреме платите на функционерите пораснаа за 78 проценти, што е скоро двојно повеќе.
Но Владата се фали дека зголемувањето на просечната плата е поради нејзините „предвидливи и конзистентни“ политики кои овозможиле константно зголемување на животниот стандард. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека просечната нето плата во март се доближила до индексот на трошоците за живот, односно инфлацијата.
„Дополнително креираме нови високо платени работни места, носејќи инвеститори кои воведуваат нови технологии и чии производи и услуги имаат висока додадена вредност, што неодминливо ја зголемува продуктивноста на целокупната домашна економија, а тоа е основниот двигател на растот на платите кои се повеќе и повеќе ќе растат“, изјави Битиќи на 23 мај.
Инфлацијата во Македонија е скоро 20 отсто, додека потрошувачката кошничка изнесува нешто под 50.000 денари. Официјалните податоци покажуваат дека семејство со една просечна и една минимална плата нема доволно пари да ја наполни потрошувачката кошничка.
Работниците на минималец, просечна плата само за државни советници
Сепак има зголемување на платите во некои сектори, но некаде останаа под минималец. Статистиката на ДЗС покажува дека за скоро 20 проценти е зголемена просечната нето-плата во секторот градежништво, а во образованието за 15 отсто. Зголемени плати според податоците има во секторите фармација, информатичка технологија и воздухопловство. о останатите сектори платите генерално се исти, а во некои, како заштитните и истражните дејности, вработените земаат и под законската минимална плата од 20.175 денари.
Кога станува збор за администрацијата, Трпе Деаноски од Синдикатот на работниците од управата правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) вели дека само државните советници моментално земаат плата над просечната, а повеќе од 96 проценти во администрацијата и правосудството примаат плата под просечната.
„Ваквата ситуација е полоша, бидејќи пресметката на Државниот завод за статистика не ги зема предвид само исплатените нето плати, туку пресметките се прават со земање на сите додатоци и надоместоци на плата кои им се исплаќаат на вработените. Имајќи во предвид дека групата на вработени во јавен сектор, каде што спаѓа администрацијата, се и функционерите, кои овој месец земаа 78 проценти покачена плата, разликата ќе биде уште поголема. Просечната плата ќе расте на ниво на држава, а платите на работниците остануваат исти, за разлика од функционерите“, вели Деаноски.
Синдикатот на просветните работници реагираше и дека многу вработени земаат скоро двојно помалку до законски утврдената минимална плата. На протест во Скопје на 24 мај тие побараа Владата да ги почитува колективните договори и да добијат покачувања на начин како што добиле функционерите: коефициент од 2.5 да помножен со минималната плата, како што велат, за да добијат „достоинствено вреднување на трудот на просветните работници“.
„Најниската плата за најнизок степен на сложеност во секторот образование изнесува 12.000 денари. Знаете ли која е минималната плата од 12.000 денари? Онаа од 2017 година! Ние живееме со платата од 2017 година кога минималната плата е 12.000 денари, а денеска е 20.175 денари. Колективниот договор е јасен и недвосмислен. Тој вели дека најниска плата за најнизок степен на сложеност во секторот образование е најниската плата на државно ново“, рече Томислав Гиевски – претседател на Независниот синдикат за образование и наука.
Просветните работници на протестот апелираа Владата итно да ги почитува колективните договори.
За функционерите коефициент, бодови за работниците
Минималната плата беше зголемена во март оваа година за 2.175 денари, од дотогаш 18.000 денари на 20.175 денари. Зголемувањето беше направено според новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Минималната плата порасна за 12,55 проценти, додека во меѓуврме платите на функционерите пораснаа за 78 отсто.
Усогласување со минималната плата добија околу 27.000 вработени според податоците на синдикатите, кои укажуваат дека за голем број на вработени (околу 110.000) платите остануваат исти и поблиску до минималната, отколку до просечната. Синдикатите од 2016 година наваму бараат пресметките на платите да не бидат поврзани со минималната, туку со пресметка на бруто просечната плата со коефициент како што се применува кај платите на функционерите.
„Работниците во јавниот сектор се врзани со бодови, со методологија која никој не ја знае како се носи. Вредноста на бод секоја година ни ја носи министер за финансии, таа се носи со одлука на Влада. Министерот за финансии, иако е должен, не ги вклучува синдикатите во пресметката на вредноста на бод, не по иста методологија за утврдување на вредност на бод и секоја година сме се повеќе оштетени“, вели Деановски.
И од Сојузот на синдикати на Македонија ги повикаа работодавачите да ги усогласат останатите плати со висината на минималната плата за да не дојде до тоа да им се израмнат платите и на други работници од повисоки нивоа, со тие што земаат минимална плата.
И додека голем број работници се жалат дека не можат да го преживеат месецот, вкупно 1.060 функционери во април добија повисоки плати за 78 проценти, како што информираше министерот за финансии Фатмир Бесими. На пример, досегашната плата на Бесими му беше 71.145 денари, а за април му беа исплатени 125.960 денари. Платите на функционерите се зголемија по одлуката на Уставен суд, а за повисоки плати на функционерите до крајот на годината ќе се потрошат дополнителни над 15 милиони евра од Буџетот на државата.