На 30 Март со почеток од 11:00 часот свечено ќе биде отворен настанот Хероини во Туризмот од страна на Државниот секретар на Министерството за економија на Република Северна Македонија, г-ѓа Размена Чекиќ-Дуровиќ и градоначалничката на Град Скопје г-ѓа Данела Арсовска, во Хотел Буши во Скопје, а во организација на младата асоцијација „Хероини во Туризмот„
Целта на настанот е да се претстави пошироката слика и можности кои ги нуди туризмот како една алка во економијата преку која директно и индиректно се охрабруваат жените претприемачи со нивните семејства да се приклучат во туристичката понуда на нашата земја.
На настанот е предвидена богата програма со панел дискусии на повеќе теми на кои ќе земат збор локални хероини кои веќе се дел од туристичката понуда во нашата земја, експерти за локалнни искуства од Република Северна Македонија како и од Полска, Франција, Германија, Италија и Колумбија, поддржувачи на женското претприемништво во нашата земја и во Европа, иницијатори и обучувачи за социјалното претприемништво, маркетинг експерти, туристички водичи, поддржувачи на руралниот и активен туризам, жени занаетчии, основачи на здруженија за одржлив развој и многу други.
Настанот ќе го следат повеќе од сто присутни жени кои со својата дејност и хоби имаат поврзаност со туризмот и туристичката понуда во нашата земја а ќе биде споделуван во живо преку фејсбук линк на македоснки јазик за сите заинтересирани кои не се во можност да имаат свое физичко присуство на конференцијата поради пополнетиот капацитет, како и преку Zoom линк до сите слушатели од странство што ќе биде пренесуван со симултан превод на англиски јазик.
Покрај конференцискиот дел, на настанот ќе има отворен базар со дваесет штандови каде ќе бидат организирани директни средби меѓу локалните хероини кои се веќе дел од туристичките понуди, присутни претставници од тур оператори за дојдовен туризам, агенции за појдовен туризам кои имаат за цел развивање на свои патувања во нашата земја, локални водичи, претставници од организации и програми кои го поддржуваат женското претприемништво и потенцијалните хероини кои ќе имаат можност да добијат поголема мотивација од страна на веќе вклучените жени хероини во туристичките понуди.
Овој настан е предвиден да биде појдовна точка за понатамошните проекти кои здружението се стреми да ги оствари во иднина. Настанот е поддржан од Balkan Prime Tours, Министерство за економија на Република Северна Македонија, Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) и ЕПТИСА.