Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа смета дека ценовникот на винарската визба „Тиквеш“ што беше објавен денеска е некоректен и во спротивност на договореното на состанокот со сите винарии.

„Од она што првично сме договорени ние немаме намера да отстапиме, така да очекувам од винарската визба ‘Тиквеш‘ да го повлече овој ценовник и да постапи според договореното на заедничкиот состанок“, напиша Хоџа на својот Фејсбук профил.

Тој информира дека се договориле за девет денари за откуп за „смедеревка“ и 11 денари за „вранец“.

„Од државата ќе се субвенционираат индивидуалните производители со дополнителни четири денари со што ќе ја постигнеме ланската цена, а со два денари субвенција ќе помогнеме и за високосортното винско грозје“, вели Хоџа.

Тој уште додава дека било договорено како да им се помогнеме и на винарските визби во делот на извозот на наливно и флаширано вино, но останало само да се утврди методологијата за субвенционирање на 30 проценти на транспортот на флаширано вино односно 20 проценти на транспортот на наливното вино.