Сместувачките капацитети во хотелите на Охридско-струшкото крајбрежје целосно се исполнети за новогодишните празници, изјави претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.
Традиционално, како и други години, најголем интерес има кај гостите од Бугарија, а застапени се и останатите земји од околината, Грција и Албанија и се помалку од Србија и Црна Гора.
–Последните години интересот е многу голем кај гостите од Бугарија. Ние сме сакана дестинација, но и евтина дестинација. Не е само за Нова година, туку и преку цела година. Повеќето хотели се полни. Има некои мали хотели кои не можат да примаат поголеми групи и продаваат соба по соба, изјави Блажески за МИА.
Пред Нова година, за католички Божиќ, додаде Блажески, најмногу гости имало од Грција, кои повторно се враќаат на ривиерата. Годинава, забележа намалување на турските туристи, но зголемување на Полјаци, Бугари и Холанѓани.
Според првиот човек на ХОТАМ, на охридско-струшката ривиера и требаат високо категоризирани хотели, со цел да се задржи нивото на гостите.