Сместувачките капацитети, хотелиерите и приватните станоиздавачи ги добија протоколите за работа во новонастанатата ситуација наметната од епидемијата на короновирусот. Од понеделник е предвидено да ги отворат вратите затворени пред повеќе од четири месеци.
Според угостителите од Охридско-струшкиот регион мерките за заштита на туристите, но и на вработените, биле горе-долу очекувани, дури и познати со оглед на практиките во останатитот дел од светот каде веќе се работи со тој вид дејност во новонаметнатите услови. Велат ќе има мали потешкотии додека се фати ред, но се тоа може и ќе се решава во од, додека се прилагодуваат на ситуацијата. Се е тоа во ред, но без одговор останува најважното прашање – каде се гостите!? Тоа е главниот проблем на сите даватели на сместувачки услуги, но најмногу на хотелите затоа што најголемиот број реализирани ноќевања тие ги остваруваат токму од аранжманите за летување продадени преку понудите на тур-операторите од странство.
Ситуацијата е таква каква што е, инструкциите, правилниците за работа се донесени, тоа се мерки што хотелиерите велат дека ги спроведувале и досега. За одреден дел од спроведување на мерките од протоколите за работа ќе бидат потребни одредени инвестиции, меѓутоа оценуваат дека не се работи за големи издатоци.
Анета Бар, генералнa директорка на хотелот „Инекс Олгица“ објект со вкупен капацитет од 117 соби, осум апартмани односно 250 легла, вели дека тие како субјект се подготвени за работа согласно новиот протокол, дека нема некои големи услови што треба да ги исполнуваат. И пред појавата на ковид-19 хотелските капацитети спроведувале редовна дезинфекција на прибор, дезинфицирале соби, санитарни јазли. Новина е што тоа сега ќе мора да се врши неколкупати дневно, па и почесто.
„Протоколите се дадени, со раководството на хотелот ги анализиравме чекор по чекор, ги распределивме активностите по сектори, видовме што треба да се набави дополнително. Останува на нас да ги спроведеме, а во текот на самата работа ќе видиме што дополнително треба да се направи“, рече таа.
Новите протоколи за работа сепак ќе треба да претрпат и некои промени поради органичените капацитети на објектите.
„Ограничени сме со капацитети. Согласно протоколите за еден оброк на 250 гости се потребни 120 маси. Нив ќе треба да ги услужуваат многу конобари затоа што нема самопослужување преку „шведска маса“. Тука ќе треба да се направат некои олабавувања“, вели таа.
Кога станува збор за понудата од кујната, за оваа година останува да се работи со понуда од класичен континентален појадок, избор на главно јадење за ручек или вечера од неколку понуди на дневно мени, секако и ресторански услуги „а ла кард“.
Проблем според охридските хотелиери ќе има во онаа „All inclusive“ понуда, што тешко може да се реализира во новонаметнатите протоколи за работа. За таква хотелска понуда потребни се поголеми капацитети и број на вработени што би ги услужувале гостите постојано во текот на целиот ден, така што што веројатно оваа сезона тој концепт ќе биде изоставен од понудата.
Но, на крај сепак сѐ се врти околу најважното прашање, а тоа е каде се гостите.
„Проблемот не е протоколот, проблем е тоа што нема гости, а засега нема никаква најава за нивно враќање во Охрид. Сите договорени аранжмани за ова година се откажани, нема најава за ниту еден нов. Сите договори што ги имавме со странски агенции отпаднаа. Тур-операторите што носеа гости од Холандија и државите од Бенелукс сѐ уште се оптимисти, дека доколку се нормализира колку-толку ситуацијата тие од втората половина на јули повторно ќе летаат кон Охрид, со намален број патници и помал број закуп на соби од претходно договореното. Лично не очекувам дека оваа сезона ќе имаме странски гости што би дошле преку организирани патувања, додека за домашните, исто така сметам дека ваучерите што ги понуди државата како помош ќе бидат искористени за сместување во хотели со пониска категорија“, вели Бар.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски изјави дека ситуацијата во туристичкиот сектор ќе се следи постојано, па согласно состојбите на терен така ќе се менуваат и мерките и ограничувањата за работењето во секторот.
Инаку, оваа сезона требаше да биде една од најдобрите за Охридскиот регион кога станува збор за туризмот. Покрај веќе вообичаените, поради коронавирусот се откажани летови со гости од нови дестинации. Сезоната 2020 требаше да ја одбележат дополнителните чартер-летови на „ТУИ Белгија“, потоа летови од Бугарија, Чешка, Словенија, Турција, и по два лета неделно од Тел Авив за Скопје.
Според податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, бројот на странски туристи за април оваа година споредбено со лани е намален за 98 проценти, што е очекувано со оглед на ситуацијата што во односниот период 158 земји од светот вовеле целосна изолација.
„Според светската туристичка организација, оваа 2020 година ќе биде најкатастрофалната година кога е во прашање туризмот, со пад од некаде 60 и 70 проценти. Светските дестинации успехот во туризмот оваа година ќе го мерат според тоа колку ќе биде помал минусот. Секој минус помал од 35 до 40 проценти кога се работи за Македонија треба да се смета за успех“, рече Јаневски.