Цените скокаат, платите стагнираат или каскаат зад поскапувањата а граѓаните ја губат и онака малата куповна моќ па затоа Владата мора да биде одлучна и ригорозно при спроведувањето на мерките и особено во периодот откако ќе истечат, порачуваат до Сојузот на Синдикати на Македонија.
Последната, ноемвриска минимална синдикална кошница, покажува раст на цените токму на храната и пијалаците две категории каде што граѓаните ниту можат ниту имаат каде да скратат.
Минималната синдикална кошница сега изнесува 62.021 денар и е за 772 денари повисока од октомвриската. Иако во кошницата се наоѓаат само најосновните продукти и како што велат од ССМ за жал и нај неквалитетните, секој месец кошницата е потешка па во моментов на четиричлено семејство каде изворот на приход се две минимални плати, недостасуваат 17 илјади денари за да може да врзат крај со крај.
Растот на минималната плата мора да го следи растот на синдикалната кошница, децидни се од ССМ а доколку државата биде порестриктивна кон работодавачите околу неплаќањето на придонеси за работниците ќе има пари во Буџетот за поголемо зголемување на платите.
Зголемување на минималната плата и воопшто на платите на работниците во Македонија ќе го намали одливот на работна сила а од ССМ најавија дека сите аргументи ќе ги презентираат на следната седница на Економско социјалниот совет која е закажана за почетокот на идниот месец.