Хрватската народна банка (ЦНБ) во четвртокот потсети дека рокот за размена на куни во евра во филијалите на банките, Хрватска пошта и Фина истекува на 1 јануари 2024 година, а од следната година размената ќе биде можна само во ЦНБ. ЦНБ трајно ќе разменува банкноти од куни, додека монетите ќе може да се менуваат во рок од три години од датумот на воведување на еврото, односно најдоцна до 31 декември 2025 година, посочуваат од централната банка.
Од ЦНБ истакнуваат дека по повлекувањето, монетите куни се чуваат во објект во касарната Кроација додека не помине периодот на замена од три години. Банкнотите куни, пак, паралелно со нивното повлекување од оптек, се чуваат во трезорите на ЦНБ и сукцесивно се уништуваат на системите за обработка на банкноти кои имаат можност да ги уништат и кои ја бројат секоја исечена копија. На 31 октомври годинава од 500.000.000 банкноти во оптек, јавноста, граѓаните и деловните субјекти вратиле 436.200.000 од нив или 87 отсто, но вратени се само 742.000.000 од 3 милијарди монети во оптек или 25 отсто.
Заклучно со 30 октомври годинава во оптек имало 4,85 милијарди куни, што значи дека тоа е преостанатиот износ на готовина во куни што граѓаните допрва треба да го разменат. И покрај тоа што се намалува количината на готовина, досегашното искуство на земјите што го воведоа еврото покажува дека целата готовина на поранешната валута никогаш не се заменува, пишува Пословни.хр.