Хрватска ја враќа возраста за одење во старосна пензија од 67 на 65 години, откако референдумската иницијатива „67 е премногу“ собра над 700 илјади потписи.
Владата до хрватскиот Сабор упати измени на Законот за труд и на пет поврзани закони кои ја дефинираат возраста до која е можно работниците да останат на работа, како и измени на Законот за пензиското осигурување со кои освен тоа што границата за старосна пензија се враќа на 65 години, се намалуваат и пеналите за порано пензионирање.
Според министерот за труд и пензиски систем Јосип Аладровиќ, во целина се земени предлозите на „67 е премногу“, уважувајќи го фактот дека неспорно се собрани доволен број веродостојни потписи.
-Наспроти тоа што, почитувајќи ја волјата на над 700 илјади граѓани, ќе ги прифатиме предлозите изразени низ иницијативата за враќање на старосната граница за пензионирање на 65 години и на предвремено пензионирање на 60 години, Владата не се откажува од поттикнување на подолго останување во светот на трудот и подоцнежно остварување пензија. Секако, за оние кои можат и сакаат да работат и по 65-годишна возраст, односно до 68 години, заедно со измените на Законот за пензиско осигурување, се предлага и измена на работноправните прописи во таа смисла, изјавува тој за хрватските медиуми.
Министерот Аладровиќ појаснува дека на тој начин се ублажуваат негативните последици и се воспоставува своевидна рамнотежа меѓу барањата на граѓанската иницијатива и осигурувањето на долгорочна одржливост на пензискиот систем, како и на долгорочна адекватност на пензиите.
Со измените на законите се предвидува пропишаната старосна граница за престанок на договорот за работа од 65 да се покачи на 68 години, во старосна пензија наместо со 67 години живот и 15 години стаж да се оди со 65 години живот и 15 години стаж, а право на предвремено пензионирање со 35 години стаж наместо на 62, да се остварува на 60 години. Пенализацијата од 0,3 се намалува на 0,2 процента за секој месец порано заминување во пензија. На лицата со стаж од 41 година, пак, им се дозволува добивање старосна пензија на 60, наместо на 61-годишна возраст.