Хрватска ја понуди својата железничка мрежа и пристаништата во Јадранското Море за транспорт на украинско жито преку алтернативни патишта, соопшти хрватскиот државен секретар за политички прашања Франо Матушиќ. Изјавата на Матушиќ дадена на состанокот на Генералното собрание на ОН за време на отворена министерска дебата за ситуацијата на привременo окупираните територии на Украина следува откако Русија ја блокираше Иницијативата за црноморско жито.
– Хрватска е подготвена да помогне во изнаоѓањето нови рути за украинскиот извоз на жито. Меѓу можните алтернативни рути се хрватските железници и пристаништата во Јадранското Море, рече тој.
Според хрватскиот државен секретар, одлуката на Русија да не го продолжи договорот предизвикува закана од глад во многу делови од светот.
Во својот говор Матушиќ напомена дека Хрватска уште од првите денови на руската инвазија соопшти дека стои покрај Украина и нејзиниот народ и дека е подготвена да ја поддржува Украина сè додека е потребно.