Кредитната агенција „Мудис“ вчера соопшти дека го зголемува кредитниот рејтинг на Хрватска за две нивоа, од „Баа2“ на „А3“, со стабилна перспектива, пренесе „Блумберг“.

Во соопштението се истакнува наглото намалување на јавниот долг и континуираното „подобрување на силата на хрватската економија“ благодарение на реформите и инвестициите и имиграцијата на работната сила.

Агенцијата лани најави дека може да го подигне рејтингот на хрватските должнички хартии од вредност, менувајќи ја перспективата од стабилна во позитивна, со образложение дека се зголемуваат шансите јавниот долг да се намали позначително отколку што се очекувало.

Последната одлука е сигнал до инвеститорите дека хрватскиот долг носи мал кредитен ризик.

Одлуката за подигање на рејтингот „првенствено ги одразува нашите очекувања дека фискалната сила на Хрватска ќе биде значително повисока на краток до среден рок, пред се поради наглото намалување на товарот на јавниот долг“ и дека овој тренд „веројатно нема да го промени правецот“, велат од „Мудис“.