Прекинот на испораката на руски гас за Европа преку Украина може да биде добра одлука за Хрватска, оценува економскиот аналитичар Невен Видаковиќ. Меѓутоа, прашање е како ќе се позиционираат властите и на чиј блок во ЕУ ќе се приклонат.
По прекинувањето на испораката на руски гас за Европа преку Украина, словачкиот премиер Роберт Фицо предупреди дека тоа може да резултира со губење на транзитните такси и зголемување на цената на струјата и гасот, пишува хрватскиот Пословни дневник. Од друга страна, во отцепениот Молдавски регион Придњестровје беше воведена вонредна состојба и забрането е користење на греењето на гас.
– Политички гледано, тоа е продолжение на натамошното обединување на Европа. Тешко ми е да ги разберам овие односи каде Европа ја поддржува Украина, а потоа Украина носи одлуки на штета на Европа. Што се однесува до економската страна, таа е крајно проблематична. Не можете да функционирате без извори на енергија, а сега се создаде група земји кои се сериозно оштетени и мора да бараат решенија. Тие решенија треба да се платат, а на крајот плаќаат само граѓаните и тоа е голем проблем – вели економскиот аналитичар Невен Видаковиќ за ХРТ.
Секако, останува да се види какви реперкусии ќе има раскинувањето на договорот за дистрибуција на гас преку Украина. Сепак, извесно е дека Хрватска би можела да профитира во оваа ситуација. Имено, „Јанаф“ веќе се покажа како стратешки важна компанија во дистрибуција на енергетски производи за време на војната во Украина, а според Видаковиќ, Хрватска треба паметно да го искористи ова.