Њујорк – Порастот на цената на криптовалутата рипл му донесе енормно, но виртуелно богатство на основачот на компанијата „Рипл“, Крис Ларсен. Ларсен, кој е коосновачот на компанијата и нејзиниот поранешен генерален директор, последниот месец значително ја унапреди својата позиција на листата на „Форбс“ на најбогати луѓе на светот. Имено, се до почетокот на декември, криптовалутата рипл, која ја покрена оваа компанија, се тргуваше по цена од околу 0,25 долари за еден коин.
Белград – Во Ќуприја е потпишан меморандум за разбирање со кинеската компанија „Блу Скај“, што е прв чекор во реализација на изградбата на кинескиот индустриски парк со четири фабрики за преработка на пластика во овок српски град, во кој ќе се вработат 500 работници. Во меморандумот стои дека „Блу Скај Јуроп Интернешнл Индустри енд Трејд Технолоџи“ во Ќуприја ќе отвори индустриски парк за преработка на пластичен отпад и ќе го вработи локалното население. Вкупната проценета вредност на првата фаза од инвестицијата изнесува 12 милиони евра.
Њујорк – Индустрискиот индекс Дау Џонс остана на рекордно ниво од повеќе од 25.000 поени на крајот од вчерашнипт работен ден на Волстрит. Претходно во текот на денот тој го помина симболичниот праг за првпат во историјата. Потоа Дау Џонс се зголеми за 152 поени или 0,61 отсто, за да го заврши денот на 25,075 поени. Поширокиот индекс Стандард енд Пурс 500 додаде речиси 11 поени или 0,4 проценти, на речиси 2.724 поени, а индексот на високотехнолошките компании Насдак порасна за 12 поени или 0,18 проценти на 7.077 поени.
Загреб – Хрватската народна банка (ХНБ) интервенираше на девизниот пазар со откуп од банките 405,5 милиони евра, по просечен курс од 7,453515 куни за едно евро, со што во системот „уфрли“ малку повеќе од три милијарди куни. Со тоа уште на почетокот од годинава ХНБ интервенираше на девизниот пазар во настојувањето да спречи апрецијациски притисоци врз куната. Имено, куната во однос на еврото зајакнува во последните десетина дена, па вчера на утврдената курсна листа на централната банка курсот на еврото падна на 7,44 куни за едно евро.
Берлин – Од почетокот на годината сите возови на „Германската железница“ (ДБ) во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај ќе возат на „еколошка “ струја, тврди концернот. Но, сепак нема да може да се откаже и од другите извори на енергија. – Возењето со воз претставува заштита на климата, вели шефот на концернот Рихард Луц. „Ова е зелено”, пишува на плакатите на германската железница.
Каиро – Приходите на египетскиот Суецки Канал пораснале на 5,3 милијарди долари во 2017 од 5 милијарди долари во 2016, соопштија властите кои управуваат со каналот. Суецкиот Канал е најбрза поморска рута меѓу Европа и Азија и е еден од главните извори на египетската Влада за собирање странска валута.
Сеул – Јужнокорејскиот „Хјундаи“ до 2021 година ќе почне да ги продава првите автономни автомобили развиени во партнерство со американскиот стартап „Аурора Иновејшен“. „Хјундаи“ и „Аурора“ во рок од три години ќе понудат автономни возила на пазарот, кои ќе можат да работат без човечки фактор во повеќето услови, се наведува во соопштението на јужнокорејската компанија.