Над 70-тина пријави од текстилни работнички од Нова Година до денес пристигнале до „Гласен Текстилец“ заради неисплатен или уплатен минимален износ од 250 до 2000 денари за регрес за годишен одмор. Годинава енормно е зголемен бројот на текстилни компании кои воопшто не исплатиле К-15, дури и онаму каде што постои синдикат.
– Износот е 2000 денари, тоа го имаме во фирма во Делчево каде што се организирани во синдикат и воопшто не исплатен регрес во фирма во Скопје, која исто така е со членство во Синдикат, изјави Кристина Ампева – „Гласен текстилец“- Штип.
И на трудовиот инспекторат му се врзани рацете, тврди Ампева, зашто тие можат да реагираат само онаму каде што на работниците по овој основ не им е уплатен ниту денар.
– Таму се дава решение од страна на Државен трудов инспекторат. Обично тоа се рокови од 8 до 15 дена, па подоцна доколку работодавачот не го исплати регресот за годишен одмор во никаква сума, следуваат казни и слично, додаде Ампева.
Овој проблем се провлекува со години наназад, а работодавачите ја користат аномалијата од колективниот договор, која им овозможува минимална исплата и од 100 денари доколку фирмата работела со загуба.
– Моментално загубата во нашата држава е манипулација. Ние имаме работодавачи кои што во месец декември си купуваат, си го обновуваат сопствениот или личен возен парк и тоа го пријавуваат како загуба или како инвестиција. Не е загуба и не е инвестиција, ако си се подновите со ново „Бентли“ или нов „Туарег“ или не знам што, изјави Ампева.
Исплатата на К-15 мора да биде јасно прецизирана во новиот Закон за работни односи.
– Да не се прави дискриминација помеѓу приватен и јавен сектор, да ги следува сите и да не постои можност, загуба, изјави Ампева.
Висината на К-15 изнесува 40 % од нето просечната плата во изминататa година или конкретно 11 300 денари.