И Конфедерацијата на синдикални организации бара поголем раст на минималната плата. Според закон, минималецот треба да скокне во март, а сегашните пресметки покажуваат дека зголемувањето ќе биде околу 1.800 денари. Оваа сума, според првиот човек на КСОМ, не е доволна. Затоа Ристески бара на следниот состанок на економско социјалниот совет, Владата да застане на страната на синдикатите и заеднички да бараат повисоки плати од работодавачите.

„Ако не остави само ние со работодавачите да се договориме, тоа тврдам дека нема никогаш да се договориме. Пак Владата ќе мора да пресече. Она што го кажуваат работодавачите, гледате наоѓаат разни интриги само да изманипулираат. Спобудалеа од пари земање. Таму правата на работниците се никакви, за жал. Да, бараме повеќе од 1.800 денари. Тоа што е законски е стварно минимална сума, гледате што се случува во соседството“ – Марјан Ристески, Претседател на КСОМ

Ристески вели дека работодавачите се заканиле дека ако платите се зголемат повеќе од законски предвиденото ќе отпуштале вработени.

„Парите треба да ги дадат работодавачите. Тие знаете што викаат? Во ред, ние ако ги качиме така ќе отпуштиме работници, одма се закануваат со нешто што не е издржано. Се живо прават само да не дадат од профитот. Јас тврдам дека има профит во тие компании, еве да ги земеме завршните сметки, да видите колкави се придобивките. Ако и понатаму се дозволи само компаниите, газдите, да се богатат на грбот на работниците тука жестоко ќе реагираме“ – Марјан Ристески, Претседател на КСОМ

На последниот економско социјален совет во декември, премиерот Мицкоски рече дека Владата ќе прифати минималец од 450 евра, како што побара ССМ, но само ако така се договорат синдикатите и работодавачите.Нов состанок се уште не е закажан.

Минималната плата во Македонија сега изнесува 22.500 денари и е една од најниските во Европа.