Закон за Социјални претпријатија, согласно Националната стратегија за развој на на социјални претпријатија е изработен и поставен на платформата ЕНЕР. Овој закон, како што е нагласено, се носи согласно програмата на Владата и има за цел да создаде соодветна правна, финансиска и институционална рамка за развој на социјалните претпријатија во Македонија.
Очекувањата се дека мерките за поддршка на социјалните претпријатија ќе придонесат за остварување на Целите на одржлив развој, бидејќи социјалните претпријатија креираат решенија за сегашните предизвици, како борба против сиромаштијата, праведни услови за работа, решенија поволни за животната средина.
– Функционирањето на социјалните претпријатија е од особено значење бидејќи имаат важна улога на поттикнувачи на промени при транзиција на земјата кон поправедна, поинклузивна, партиципативна и одржлива економија и општество, особено преку нивната вклученост за развивање на циркуларна, споделувачка, паметна и зелена економија. Се препознаваат како пионерски иницијативи на деловно работење на граѓаните и заедниците во корист на луѓето и на планетата, наместо за сопствениците и акционерите – се појаснува во образложението на законот.
Меѓу другото се посочуваа дека социјални претпријатија и се интегрирани во граѓанското општество, вклучени во воспоставување и развој на социјални иновации, нови форми на пристојна работа и социјална интеграција на загрозените лица, обезбедуваат производи и услуги, поттикнати се и поддржани од локалните заедници и од граѓаните заради остварување на социјални, општествени, културни и еколошки цели.
– Европската комисија ја препозна важноста на социјалните претпријатија како клучен елементи за надминување на тековни социјални и економски проблеми. Денес, социјалната економија во ЕУ обезбедува над 13,6 милиони платени работни места, вклучува над 82,8 милиони волонтери и 232 милиони членови. Владата ја потенцира потребата од развојот на социјалното претприемништво и социјалните претпријатија, како долгорочната визија. За реализација неопходно е носење правна рамка за функционирање на социјалните претпријатија, обезбедување на еднаков правен статус и придобивки за сите социјални претпријатија – се наведува во предлог законот закачен на ЕНЕР.
Имајќи го предвид наведеното, како и поради фактот што во последните години, сè повеќе организации се идентификуваат како социјални претпријатија, евидентна е потребата од посебен закон со кој ќе се утврдат услови и критериуми за стекнување и престанување на статусот на социјално претпријатие, условите за работа, инструментите за поддршка и развој на социјалните претпријатија, посебните услови за работа на претпријатијата за социјална реинтеграција и работно ангажирање, надлежностите на Националниот ресурсен центар за поддршка на социјалните претпријатија, надлежностите за спроведување и следење и други прашања од значење на социјалните претпријатија.
Целта на Закон e да се овозможи развој на социјалното претприемништво преку функционирање на социјални претпријатија, создавање поволна деловна средина за развој на социјалните претпријатија, обезбедување правно признавање на социјалните претпријатија, видливост и препознавање на потребата за нивниот развој од страна на институциите, фондовите и останатите општествени чинители, како иновативен модел за вработување, еднаков пристап до фондовите за развој…
– Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне економскиот раст, како и за активација на корисниците на различни видови социјална помош. Со овој пропис на системски начин се регулира функционирањето на социјалните претпријатија кои со своето работење ќе имаат значајна улога за развој на економијата, преку нивната работа на пазарот на трудот и иновативен начин на вработување на одредени категории на невработени лица – се потенцира во законот. Се додава дека работата на социјалните претпријатија ќе има позитивно влијание на постоечките општествени проблеми и нивната активност ќе покрива разновиден спектар на економски, социјални и еколошки прашања.