Приходите на рускиот буџет минатиот месец се искачија на рекордно високо ниво, иако САД го нападнаа банкарскиот сектор на земјата со нови санкции, пишува „Bloomberg“.
Вкупните приходи во декември достигнаа над 4 трилиони рубљи (40 милијарди долари), што претставува зголемување од 28% во однос на истиот месец минатата година, според пресметките на „Bloomberg“ врз основа на податоците од руското Министерство за финансии. Ова е највисокото ниво од почетокот на собирањето на податоците во јануари 2011-та година.
САД и нивните сојузници се обидуваат да ги ограничат средствата што ги добива Русија за да не може да ги искористи за својата војна во Украина. Мерките вклучуваат ограничување на приходите од извоз и санкции против рускиот енергетски сектор и банките што го сервисираат. Ова предизвика пад на девизниот курс на рубљата и ја отежна надворешната трговија во декември.
Извозот падна за 19% минатиот месец на годишна основа, додека увозот се намали за 8%, покажаа податоците на централната банка во вторникот. Сепак, приходите од нафта и гас се зголемија за една третина во декември на годишно ниво и за 26% за цела 2024-та година, според Министерството за финансии. Други извори на приходи објавија слични зголемувања за целата година благодарение на даноците и дивидендите во услови на силен економски раст.
„Обеменот на приходи надвор од секторот нафта и гас во 2024-та година значително ги надминува предвидувањата во законот за буџет за 2025-2027 година, вклучително и од најголемиот даночен извор“, се наведува во соопштението на Одделот.
Зголемувањето на приходите ѝ овозможува на владата да троши повеќе од кога било, при што вкупните трошоци за месецот изнесуваат 7,15 трилиони рубљи, што е исто така над претходниот рекорд од декември 2022-ра година.
Минатата година Русија го пријави својот најголем фискален дефицит од пандемијата во 2020-та година во износ од 3,5 трилиони рубљи, или 1,7% од бруто домашниот производ. Владата известува за буџетски дефицит трета година по ред во услови на значително зголемување на државните трошоци поради рецесијата во 2022-ра година и војната во Украина.
Вкупниот приход во 2024-та година се зголеми за 26% на 36,7 трилиони рубљи, а трошоците – за 24% до 40,2 трилиони рубљи. Руската валута изгуби околу 12% од својата вредност во однос на доларот во истиот период, покажуваат податоците на централната банка.
Кремљ продолжува да ги зголемува трошоците за војна додека армијата полека напредува. Околу една третина од рускиот буџет се очекува да оди за воени потреби до 2025-та година.
Извршување на буџетот за 2024-та година ги потврдува сомнежите дека планираното зголемување на расходите годинава од 3,2% е реално, велат од Алфа-банка.
„Очекуваме растот на трошоците да биде поголем оваа година, што ќе доведе до поголем буџетски дефицит“, велат аналитичарите на банката во белешката.