Синдикатот оперира со бројка од 25.000 работници што примаат плата во висина на минималната плата, а 10.000 работници работеле за сума што била под минималецот

Во вторникот (15 април) истече законскиот рок до кога требаше да биде исплатена новата покачена минимална плата од 24.379 денари нето. Станува збор за минимална плата за редовна работа без изостаноци во месецот, иако во некои компании се исплаќаат и додатоци и надоместоци на плата, како што се минат труд, прекувремена работа и слично. Инаку, до 9 април, вкупно 59.681 даночни обврзници веќе поднеле МПИН пресметки за месец март, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.

– Од нив, 30.090 даночни обврзници веќе ги платиле МПИН-пресметките за исплата на мартовската плата. До крајниот законски рок – 10 април до полноќ, се очекуваше уште 5.000 даночни обврзници да поднесат пресметки за плата за март – информираат од УЈП.

Синдикатот оперира со бројка од 25.000 работници што примаат плата во висина на минималната плата, а 10.000 работници работеле за сума што била под минималецот.

Она што е поразително е што сите овие работници примаат плата во плик за што не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа ја чини државата на годишно ниво околу 250 илјади евра, односно неуплатени придонеси во Фондот, во неколку наврати посочи првиот синдикалец Слободан Трендафилов.

Со законскиот минималец, кој Владата сама го усвои за првпат во историјата без согласност на ЕСС, газдите се должни да издвојат плус околу 1.800 денари за секој работник. И со ова зголемување Македонија остана на опашката во регионот, со минималец од 395 евра, па дури и Албанија нè претрка со сумата од 402 евра. Минималната плата во Црна Гора од 600 е на 800 евра, во Босна и Херцеговина е 600 евра, во Србија е 454…
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека околу 80 отсто од работниците примаат медијална плата, а околу 90 отсто од работниците се снаоѓаат со сума под минималната и средна плата. И колку да е мала бројката на оние што примаат плата под минималната плата, тоа е незаконски и е кривично дело.
Синдикалците го вперуваат прстот во ниските плати и нив ги посочуваат како единствен виновник за одливот на работна сила во земјава.

– Поради ниските плати работниците заминуваат од Македонија да работат во странство и да градат некои други економии и тоа треба да биде најголемиот пораз за овие газди што ја злоупотребуваат работната сила – велат синдикалците.

Само 13.000 градежни работници се иселени од Македонија поради лошите политики во изминатите години. Згора на тоа, 100 илјади луѓе во државата живеат со 100 денари на ден, што ја зголемува стапката на сиромаштија и го намалува квалитетот на живот.