Дојде и предлог буџетот на дневен ред…Се е исто, со години, само различни се актерите, улогите и изговорите… Единствено што е ново во исцицувањето на буџетот се новите fancy имиња и термини, кои особено кај прост народ, ја погодуваат целта…

Ќе започнам со „стариот волк“ и поранешен министер за финансии професорот Славевски кој вели цитирам:

„Скроениот буџет за 2020 е популистички со единствена цел купување на гласови од граѓаните. Тоа не е буџет за развој на економијата. 

Според него, власта не планира да вложува во изградба на нови патишта, училишта и други инфраструктурни објекти. Средствата што не се вложуваат во инфраструктура, не се вложуваат во изградба на нови училишта, изградба и адаптација на болници, клинички центар итн. Популистички се наменуваат за тековни трошења, за пораст на платите во администрацијата, пораст на платите во разни дејности, за социјални издатоци. Ова се потреби кои треба да се задоволат за голем број на граѓани, ама зголемување на пример на средствата за социјална заштита за цели 140 милиони евра како што е предвидено во наредниот буџет, тоа значи дека владата се подготвува, жртвувајќи ја иднината на економијата и дури и на развојот на земјата, од популистички побуди да ги поткупува гласачите“

Видиш како фино-лепо професоров знаел што е непродуктивно трошење…Материјата ја знаел, но времето не го знаел… Зошто вака не коментираше кога неговиот следбеник – чоколаден лудак – не бетонира во бронза? Кога се садеа палми среде Вардар и Скопје го престорија Главен град на Кичот? Или трошењето во статусот Престолнина на кичот беше продуктивно трошење? Дали беше продуктивно трошењето во сите партиски лепачи на плакати кои ги ухлебија во илјадници на буџетски јасли? Нели е малку лицемерно сега да се сетил професоров што е, а што не е продуктивно трошење? Абре не може така по потреба да дефинирате што е, а што не е продуктивно трошење… Значи зависно од намената, ги наменувате своите ставови? Превртувањето на ставовите и перцепциите се многу типични за еден друг занает… најстариот… Затоа професоре, со должна почит, немојте со вакви акредибилни ќор-фишеци… Ако Ви беше грижа за продуктивното инвестирање ќе гукневте поодамна.. имавте и време а Бога ми, и простор….

Но било, што било, сега е ново време и нови фаци фураат стари шеми. Но овојпат, шемите стануваат поскапи и поопасни. Би се осврнал на одбраната на предлог буџетот од страна на министерката за е-трговија и себепромоција, а во слободно време и за финансии. Имено таа вели : Го менуваме тоа така што инвестираме највисока сума досега 154 милијарди денари во човечки капитал.Централно место во Предлог-Буџетот за 2020 година имаат инвестициите во човечки капитал. Тоа значи дека ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите наши граѓани.

Веќе играта се носи на повисоко ниво… Класичен англосаксонски измет во целофан… Инвестирале во човечки капитал? Кој човечки капитал? Онај штабскион што минатата гарнитура го наби јако во јавниот сектор, а и Вие гледам продолжувате по истите стапки? Па тоа не е никаков капитал… прашање е и колку е човечки… Тоа се напросто партиски, неквалификувани, безамбициозни индивидуи кои се товат на државна сметка и го кочат развојот на земјата. И тоа двострано, и преку финансиското празнење на буџетот и преку кочењето на модернизацијата, процесите и унапредувањето на системот… Не станува тука збор за никакво „унапредување на човечкиот капитал“. Тоа е напросто предизборно мито… Тоа малку што го имаше оваа земја во термини на човечки капитал, одамна ја напушти татковината. Ја истиснаа овие од јавниот сектор и непотизмичката провиниенција.

Има тука и еден крајно контрадикторен елемент во изјавата: Инвестираме во човечкиот капитал. Госпоѓо, фрлање пари во покачување на плати без основ и без мерило на зголемената продуктивност не е никаква инвестиција. Напротив, тоа е горење пари без параметар, чисто во поткуп на гласови и чување на фотељите. Инвестиција во човечки капитал е нешто друго, кое се постигнува преку исполнување претходно на многу инфраструктурни, научни, образовни, системки и вештински предуслови, за човекот, како капитал – а особено неговиот претприемачки дух – да се равива во права насока. Ова парцијалново зголемување на плати, едноставно не е тоа….

Но, проблемот не е што оваа госпоѓа министерка тука ги меша проблемите, термините и концептите. Проблемот е многу подлабок. Проблемот се јавува што нашата политичка идеологија беше заснована до датумот за преговори со ЕУ. Мислеа нашите владатели дека важно е да ја дотуркаме до датумот, па ќе дојдат ЕУ фондови и ќе живнеме… Типично македонско размислување… Но што се случи? Се случи „шипак“… И сега? Сега треба да ја водиме самостојно нашата политика до друг датум кога ќе добиеме датум.. Но како дотогаш? Па се разбира… одиме со испробано сценарио… Земај нови кредити и зголемувај плати и пензии на гласачката машинерија.. Развојот? Развојот ќе почека…И подобриот живот ќе почека.. Единствено што нема да почека е вистинскиот човечки капитал од земјава кој со Виз ер тикет во еден правец има само една мисла во главата, а тоа е : „И Трајко, и Нина, се во мајчина….“

 

 

Наум Димитровски