Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го критикуваше биткоинот, како и предложената дигитална монета – Libra. Трамп повика за уште регулација на криптовалутите и инсистираше компаниите да бараат банкарска повелба и да ги почитуваат американските и глобалните одредби, ако сакаат “да станат банка”.

“Јас не сум фан на биткоинот и други криптовалути кои не се пари и чија вредност е неодредена и се базира на топол воздух”, напиша Трамп на социјалната мрежа Twitter.

“Ако Facebook и другите компании сакаат да станат банка, тие треба да бараат нова банкарска повелба и да станат предмет на сите банкарски прописи, исто како другите банки, како национални така и меѓународни”, додаде претседателот.

Facebook најави минатиот месец дека ќе стартува глобална криптовалута во 2020 година, заедно со 28 партнери, вклучувајќи компании, како – Mastercard, PayPal Holdings и Uber Technologies. Во моментов, ниту една банка не е дел од групата.

JPMorgan Chase & Co, најголемата американска банка за средства, планира да издаде сопствена дигитална монета.

Коментарите на Трамп доаѓаат еден ден откако претседателот на Федералните резерви Џером Пауел рече пред Конгресот дека планот на Facebook за изградба на дигитална валута наречена Libra, не може да продолжи, освен ако не се обрне внимание на приватноста, перењето пари , заштита на потрошувачите и финансиска стабилност.

Пауел изјави дека Банката на федерални резерви создала работна група која ќе го следи проектот и ќе ги координира активностите со централните банки на други земји, од кои некои, исто така изразија загриженост во врска со проектот за дигиталната валута на Facebook.

Исто така, се очекува да го разгледа и Надзорниот одбор на САД за финансиска стабилност, група регулатори кои ги идентификуваат ризиците за финансискиот систем.

Фејсбук, Белата куќа и Министерството за финансии не реагираа веднаш на барањата за коментар. Портпаролот на Федералните резерви одби да коментира.

Биткоинот, најпознатата дигитална валута, е основана во 2008 година, како алтернатива на валутите, контролирани од владите и банките, но крипто-трговијата и дигиталните валути остануваат во голема мера без надзор. Пазарот, исто така, се соочува со обвиненија за перење пари и финансирање на тероризам.

Серијата од твитови на Трамп за криптовалутата исто така, доаѓаат по повод настанот во Белата куќа, каде што претседателот ги критикуваше големите технолошки компании, кои според него ги третираат конзервативните гласачи неправедно.

Интернет здружението, трговска група која ги претставува главните компании во областа на технологијата како Facebook, Twitter и Google, изјави: “Интернет компаниите не се пристрасни против никоја политичка идеологија, а конзервативните гласачи ги користеле социјалните медиуми во голем размер”.